Пронајден е хеликоптерот кој исчезна од радарот: Шестмина мртви


Шест лица, меѓу кои пет мексикански државјани, загинаа денеска при пад на хеликоптер во Непал.

Службеникот на аеродромот во Катманду, Текнат Ситула, изјави за Ројтерс дека спасувачите пронашле пет тела и трагаат по шестото. Непалските власти претходно објавија дека хеликоптерот со шест лица исчезнал од радарот во Непал.

Пилотот на хеликоптерот бил од Непал, а другите се мексикански државјани, изјави претставник на аеродромот во Катманду за Ројтерс.

АП јавува дека хеликоптерот со странски туристи исчезнал во областа Монт Еверест и дека е изгубен контактот со леталото.

Хеликоптерот утрово се враќал во главниот град Катманду откако пет туристи го посетиле највисокиот планински врв во светот.

Туристичката и планинарската сезона во таа област заврши во мај, кога почна сезоната на дождови, а туристичките летови кон планините се поретки во овој период од годината бидејќи видливоста е слаба, а временските услови се непредвидливи.

Хеликоптерот превезувал пет туристи кога исчезнал од радарот во вторникот во 10:12 часот по локално време, соопштија официјални лица.