Промовирање магистерски студии за младинска работа на Филозофскиот факултет


Фото: Б. Грданоски

 На Филозофскиот факултет при УКИМ денеска ќе бидат промовирани магистерски студии Младинска работа кои се воведуваат првпат на Балканот од наредната академска 2023/2024 година. Студиите ќе се реализираат на Институтот за социјална работа и социјална политика. Во првата година ќе имаат можност да се запишат 25 студенти.

Како што информира Филозофскиот факултет, новите магистерски студии ќе обезбедат голем број поволности за поединци и за младинската работа во целина, како што се професионален развој, зголемени можности за работа, вмрежување, унапредување во оваа област….

-Магистерските студии по младинска работа, исто така, ќе вклучуваат и практични искуства преку кои студентите ќе можат да ги применат своите знаења и вештини во реалниот свет. Во рамки на оваа студиска програма, планирано е да се вклучуваат младински работници од Сојуз за младинска работа, кои ќе ја донесат својата експертиза и искуство во училницата. Ова може да им помогне на студентите да ја поврзат теоријата со практиката и да учат од искуствата на оние кои во моментов работат на теренот, соопшти Филозофскиот факултет.

На промовирањето на студиите се најавени обраќања на Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Ѓорги Тасев, советник за млади и младински политики при Владата, Моника Зајкова, пратеничка и координаторка на Клубот на младински прашања и политики во Собранието, Татјана Стојановска-Иванова, претседател на Одборот за акредитација на високо образование, Софија Георгиевска, раководител на студиската програма за младинска работа и Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа.