Промовирани нови 50 ласерски радари за потребите на сообраќајната полиција


Во Министерството за внатрешни работи денеска беа промовирани презентирани новите ласерски радари наменети за потребите  на сообраќајната полиција  опремени со уред  за ноќно снимање, далеку посупериорни од досегашните.

Набавката вредна 21.257.175 денари е  направена согласно побарувањата, односно потребите на Единиците за сообраќај во МВР, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, согласно законските норми и согласно нашите проекции за развој и унапредување на функционирањето на сообраќајната полиција.

– Со оваа набавка  нашето Министерство е единствено во регионот кое располага комплетно со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал, при што бројот на уреди за брзина и алкохол по глава на жител е на исто или дури и повисоко ниво од земјите од Европската Унија.Во крајна линија, сите сме сведоци дека од 2017 година наваму, како раководство на МВР, без престан  инсистираме и делуваме на континуирано организационо и, пред сѐ, материјално-техничко опремување на сите наши служби, што како процес напоредно течеше со процесите на полициски реформи, истакна министерот Олвер Спасовски. 

Тој посочи дека новите 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, што МВР по пат на јавна набавка ги обезбеди за службениците на сообраќајната полиција, е многу значаен исчекор, во насока на зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

– Уверен сум дека со овој нов зафат уште повеќе ќе се зголеми ефикасноста и квалитетот на сообраќајната контрола што, пак, треба да даде свои резултати во зголемување на нивото на безбедност на сообраќајот на патиштата, рече министерот Спасовски на денешнава промоција на новите радари во МВР.