Промовирана монографијата за доаѓањето на папата Франциск во Скопје- настан од историско значење


Католичката црква во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи денеска ги промовираше монографијата за посетата на папата Франциск во Скопје насловена „Историска посета на светиот отец – прво македонско добредојде за папата Франциск“ и зборникот на трудови „Католичката црква во Македонија низ историјата“.

– Понекогаш ни се заканува опасност да бидеме исплашени од актуелните предизвици, а всушност кога ќе погледнеме назад тие предизвици никогаш не изостанале. Важно е да знаеме од што изникнавме и на што растеме денеска за да оставиме светла трага на идните генерации. Сето тоа најдобро ќе ни го разјасни книгата Католичката црква во Македонија низ историјата, истакна на промоцијата скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх, монсињор д-р Киро Стојанов.

 

Посетата на папата Франциск на земјава Стојанов ја опиша како радосен настан, дар Божји и израз на љубовта кон Црквата и татковината.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски во обраќањето истакна дека столбот врз кој што треба да се втемелат сите политики и се што е државотворно и создава, како и нејзините граѓани, треба да бидат традицијата, културата и живите преданија и сведоштва.

– Токму затоа ценам дека собирот на трудови којшто произлегува од една исклучително квалитетна меѓународна конференција одржана тука во Скопје, на којшто имав тогаш прилика и чест да бидам, како и монографијата за историската посета на светиот отец, папата Франциск во Скопје, ќе не надживеат сите нас и тогаш кога нас коишто сме современици на овие големи случувања или на живите сведоштва, нема да не има. Новите и идните генерации ќе можат да се потсетат и да видат какви големи денови сме доживеале и сме преживеале, но и какви идеи и заклучи историјата остава да говори после сите нас, нагласи Сотировски.

Професорот по црковна историја на Католичкиот богословски факултет во Сараево, воедно и уредник на книгата „Католичката црква во Македонија низ историјата“, Миленко Крешиќ, информираше дека книгата е објавена на македонски и на хрватски јазик, со цел да биде достапна и за македонската и за хрватската јавност.

Претседавачот на Главното координативно тело за подготовката на доаѓањето на папата во земјава и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски за посетата на папата рече дека е настан од историско значење за земјата и за граѓаните од сите верски и етнички заедници за внатрешната кохезија и заедничкото живеење.

– Посетите на папата секогаш се гледани како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир, а во дадениот контекст, посетата на папата Франциск претставуваше и признание за улогата што македонската држава и нашиот мирољубив народ ја имаат во овие процеси и затоа монографијата која денеска ја промовираме е, и ќе биде најдобро сведоштво за сето тоа, потенцираше Димовски.

Пензионираниот врхбосанскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ објасни дека новите генерации се соочуваат со секојдневни предизвици на неможност на интерпретирање на информациите и случувањата и дека затоа е важно да се документираат и да се зачуваат ваквите важни настани.