Промовирана книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“ од Зеќир Рамчиловиќ


Во рамки на манифестацијата „Штипско културно лето“ синоќа беше промовирана книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик” од Зеќир Рамчиловиќ. 

Книгата содржи вкупно 1.141 збор поделени во три групи – зборови со персиско потекло, зборови со дискутабилно потекло и лични имиња со персиско потекло. Во првиот дел дефинирани се 343 различни видови основни зборови со персиско потекло и 415 изведени зборови од нив. Во вториот дел, како дискутабилни со веројатно персиско потекло има 134 зборови и 109 од нив изведени зборови. Третиот дел содржи 140 лични имиња. 

– Со овој фонд на зборови и типот на обработка, авторот сосема исправно одлучи да го изостави зборот „речник“ во насловот, туку книгата ја нарече „зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“ со што и по наслов и по содржина ја исполни целта книгата освен за стручната, да биде четиво и за пошироката јавност, истакна промоторот на книгата зкадемик проф. д-р Драги Ѓоргиев.

Авторот Рамчиловиќ посочи дека ова е прва книга кај нас која ги прочува и дефинира персиските зборови од останатите со ориентално потекло. 

– Идејата за нејзина реализација се случи за време на студиите по османистика во Софија, каде увидов дека влијанијата помеѓу јазиците во големата Османлиска Империја биле и повеќе од интензивни. Особено ми оставија впечаток големиот број на зборови кои во јавноста се сметаат за зборови од турско, но всушност се зборови со персиско или арапско потекло. Односно, доколку не ги диференцираме таквите зборови, научно поиздржано и попрецизно е да се користи терминот ориентализми. А доколку ги диференцираме тогаш зборовите со персиско потекло слободно можеме да ги наречеме персијанизми, рече Рамчиловиќ.  

Издавач на книгата е здружението „Диван” од Скопје. 

Доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ е научник и истражувач кој освен со османистика го проучува периодот помеѓу двете светски војни, како и процесите врзани за Бошњаците во минатот и денес. Автор е на повеќе научни трудови, како и на книгите: „Долно Коњари низ слика и време“, „Надгробни споменици од османскиот период во атарот на Средно Коњари, Скопско“, „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“, „Општина Петровец – вчера, денес, утре“, „Македонија во „Географијата“ на ал-Идриси“, „Poznati Bošnjaci Makedonije“ и „Бошњаците во Македонија во текот на XX век со посебен акцент на културата и просветата“. Активно е вклучен во невладиниот сектор и општествено-политичкиот живот во Македонија. Актуелен пратеник е во Собранието на Република Северна Македонија.