Промовирана книгата „Албанците од Македонија и иднината на државата“ од Махи Несими

Книгата „Албанците од Македонија и иднината на државата“ од авторот Махи Несими беше промовирана денеска на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Оваа е петта книга на авторот, инаку поранешен новинар, политичар и амбасадор во Хрватска.

-Ние Албанците во Македонија направивме многу малку за да оставиме пишани документи за важни настани од нашата историја овде. Во книгата се вклучени настани од 2001 до сега при што се дискутираат главните настани и се опишуваат забранети теми, како што се прашањето на кантоните, Охридскиот договор, пописот на населението, проектот „Скопје 2014″ и неодамнешниот Закон за употребата на албанскиот јазик, меѓу другото рече авторот Махи Несими.

За книгата зборуваа уредниците проф. д-р. Земри Елези и проф. д-р. Јетон Шасивари.

-Како домаќин, се чувствувам гордо поради промоцијата на оваа книга, не само за вредноста, туку и за тоа што ќе им служи на нашите студенти по политички науки како референтна литература во нивните дела, рече ректорот на УЈИЕ, Абдилменаф Беџети.

Авторот Махи Несими е добитник на државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2009 година за особено значајни остварувања во областа на публицистичката и новинарството.