Промовирана иницијатива за организирање Тренинг академија за новинари и медиумски работници


Иницијатива за организирање Тренинг академија за новинари и медиумски работници – „Т-АЈМ“ денеска беше промовирана во рамки на настанот „Многу лица, една мисија – прогрес и безбедност“, кој е дел од Деновите на медиумска писменост што од  24 до 31 октомври се одржуваат во организација на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Концептот за организирање на Т-АЈМ е заедничка идеја на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и Иницијативата за европска перспектива (ЕПИ) со цел новинарите и медиумските работници да го доизградат своето знаење за да има поголема етика во известувањето и на тој начин да се придонесе кон подобра информираност на граѓаните.

Академијата има за цел да ја подобри физичката и дигиталната безбедност на новинарите, особено на оние што практикуваат истражувачко новинарство, да понуди и поддршка за начинот на известување за одредени актуелни теми, да ги зајакне капацитетите на медиумите за креирање на новинарски содржини за евроинтегративниот процес. Ќе нуди обуки за безбедност и заштита на новинарите, за дигитална безбедност и нови технологии, како и за предизвиците на истражувачкото новинарство. Покрај тоа ќе нуди и поддршка на граѓанскиот сектор и на организациите кои ќе придонесат за зајакнување на интегритетот на медиумите за борбата против дезинформациите нивно препознавање и делување, унапредување на медиумската писменост, критичкото размислување, демократските вредности и меѓукултурната соработка.  

Целта на Академијата, како што кажа претседателот на  ЗНМ Младен Чадиковски, е подигање на вештините во работењето на новинарите и на медиумските работници за да се добие подобро образувана публика, новинари и тренери.

-Т-АЈМ треба да придонесе кон создавање на поволна средина во која ќе се негува слободата на изразување и слободата на медиумите преку поддршка за зајакнување на капацитетите на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници и промовирање на новинарството како двигател на слободниот проток на информации за општествен развој, рече Чадиковски.

Нагласи дека токму медиумската писменост е развивање на способност за пристап, анализа, оценување и креирање на медиумски содржини што е суштинска вештина за јавноста, но уште посуштинска за оние кои ја креираат таа содржина – новинарите. Таа им помага да разликуваат сигурни од неверодостојни извори на информации што помага во борбата против дезинформации и поттикнување на етичко новинарство и одговорност што е и една од целите на Т-АЈМ.

-Преку академијата што денеска ја промовираме ќе се обидеме да создадеме поспремни новинари, млади новинари и луѓе кои допрва ќе влегуваат во светот на новинарството и да ги подобриме и вештините на сите кои долго се во новинарството, рече Чадиковски.

Добрите практики од западните земји и специјално креираните алатки за тоа ќе бидат споделени од ЕФЈ.

Се очекува академијата да биде формирана на почетокот на наредната година. Во фокусот на академијата ќе биде физичката и дигиталната безбедност на медиумските работници и нивното справување со стрес и траума од известување,  обуките за нови технологии и дигитална сигурност и медиумската регулатива. Ќе нуди обуки од еден ден до неколку месеци.