Промовиран традиционалниот календар на Скопскиот џез-фестивал
Со концертен настап на „Филип Динев трио“ на џез-матине викендов беше промовиран новиот календар на Скопскиот џез фестивал, кој традиционално се објавува во јануари и во изданието за 2025 содржи фотографии на Татјана Ранташа.
Настанот се одржа во барот „Макка“ во центарот на Скопје при што беа присутни околу стотина љубители на музиката, меѓу кои и јавни личности.
Организаторот на фестивалот Оливер Белопета го претстави гитаристот и композитор Филип Динев, кој долги години живее во Хамбург, Германија, посочувајќи ја неговата успешна кариера во странство. Неговите албуми Romann (2024) и Szvetlo (2020) имаат добиено пофални критики во САД, Германија, Италија и Велика Британија.
На матинето, Динев заедно со членовите од триото Андреа Мирческа на контрабас и Дамјан Грујо на тапани, изведоа низа нумери од кои се испреплетуваат модерни западни и мотиви од балканското музичко наследство.
Новиот календар на Скопскиот џез фестивал содржи 12 фотографии на скопската фотографка Taтјана Ранташа со која таа ги има документирано настапите на неколку од најголемите современи ѕвезди на џезот, токму на Скопскиот фестивал. Tука спаѓаат американската пејачка Сесил Меклорин Салвант која го отвори минатогодишното издание, Матс Густафсон и Софија Јорнберг од Шведска, американско-кубанскиот пијанист Мартин Вирелес, португалскиот саксофонист Родриго Амадо, како и Пасквале Мира, Кирил Кузманов, Дејмон Локс, Роб Мазурек, Никол Мичел, Алабастер Деплуме и Марк Сандерс. (Мета)