Промовиран „Преспа форум за дијалог“ – проект за решавање на спорови


Со средства од ЕУ преку ИПА 3 програмата во Преспа, местото каде беше потпишан Преспанскиот договор, идната година ќе се гради мултимедијален центар во чиј простор ќе биде лоциран и „Преспа форум за дијалог“ – бренд по кој ќе биде препознатлив за државата.

На денешната заедничка прес-конференција со шефот на димполаматијата Никола Димитров, министерот за дијаспора Едмонд Адеми истакна дека станува збор за нова иницијатива на Владата која е директно врзана со Преспанскиот договор и одблокираната евроатлантската агенда.

„Со Преспанскиот договор и демократскиот исчекор успеавме да ја вратиме меѓународната поддршка и изгубениот кредибилитет. Посакувајќи да го искористиме тој моментум се појави идејата за основање на форум кој ќе се врзува за нашата држава и ќе биде резултат на сето она што го постигнале во изминатите две години. Го нарековме ‘Преспа форум за дијалог’ и би го сместиле токму во тој мултимедијален центар. Ако Словенија е позната со Бледскиот форум, Хрватска по форумот во Дубровник, Швајцарија по форумот Давос, Германија по Минхенската конференција за безбедност, веруваме дека Република Северна Македонија  ќе биде препознатлива по Преспа форумот за дијалог кој ќе биде идентитет и бренд исклучиво на нашата држава“, рече Адеми.

Министерот Димитров вели основањето на „Преспа форумот за дијалог“ кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови, низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања.

Планот е традиционално секој 17 јуни, кога е потпишан Преспанскиот договор, да се организира форум за дијалог и соработка на кој би биле поканети голем број светски и регионални  државници и јавни личности. За тоа следните месеци после изборите ќе ги дефинираме деталите согласно одлуката која новата влада после тоа ќе ја носи, а во тоа секако голема улога и координација ќе има МНР.

Адеми појасни дека  проектот „ЕУ за Преспа“, ќе биде финансиран доминантно од ЕУ и со удел на нашата држава, Грција и Албанија. Вкупната сума на тој проект од ЕУ е 18 милиони евра и средства кои ќе бидат обезбедени преку фондот ИПА 3 во 2021 година. Целта на проектот е да му понуди на регионот долгорочна и одржлива економска перспектива, а со тоа и задржување на младите во самиот регион.

Проектот ќе понуди подобрување на квалитетот на живот на локалното население преку изградба на нова мрежа  на водоснабдување и собирање на отпадни води, како и управување со цврстиот отпад од селата околу Преспанското Езеро, промоција на одржлив туризам, велосипедски патеки околу езерото, намалена стапка на невработеност, особено кај младите, жените и другите групи.

Центарот нема да биде само за „Преспа форум за дијалог“, тој би бил функционален преку целата година за да може невладини организации, медиуми, стопански комори и многу други чинители во општество да можат да ги користат тие простории за активности, иницијативи, идеи за развој на Преспанскиот регион. (МИА)