Промовиран јубилениот 60. број КИНОПИС
Со пригодна презентација на најновото издание на КИНОПИС во петокот во кино-салата на Кинотеката беше одбележан јубилејот на единственото македонско списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности.
Промотери на овој јубилеј на списанието беа д-р Атанас Чупоски, советник-филмолог и уредник во редакцијата, и Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на КИНОПИС.
Презентацијата започна со проекција на зачуваниот видео-материјал од промоцијата на првиот број на КИНОПИС, кој излезе од печат во 1989 г. Една од основачите и првата главна уредничка Илинденка Петрушева – од 1989 до 2016 г. – со инспиративен говор ја обзнанува реализацијата на долгогодишниот сон на плејада македонски филмски критичари и историчари на филмот за сериозно издание, и во авторски и во издавачки поглед, во кое ќе можат ги публикуваат нивните трудови.
Актуелниот уредник Волнаровски потсети на контиунитетот на списанието КИНОПИС како природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија се пионерски чекори во македонската филмска историја и теорија на филмот.
Презентирајќи го документот – предлог за прераснување на „Кинотечен месечник“ во сегашното списание, Волнаровски потенцираше дека и по 60 броја КИНОПИС е верен наследник на базичните публицистички заложби на неговите основачи.
Чупоски ги презентираше фрагментите од зачуваните пишани материјали од архивот на Кинотеката како драгоцено сведоштво за „раѓањето“ на КИНОПИС, неговата промоција на македонската и (екс)југословенска филмска сцена, како и на одгласите во тогашните печатени и електронски медиуми.
Потоа тој го презентираше најновиот двоброј на КИНОПИС, низ претставување на актуелните рубрики, теми и автори кои се застапени во него.
КИНОПИС како списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности останува, како и до сега, отворено за новите идеи и автори како двигатели на неговиот растеж во иднина.