Промоција на вториот извештај во сенка за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени
Вториот извештај во сенка за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени денеска ќе биде промовиран. Во извештајот се анализирани состојбата со усогласувањето и спроведувањето на законодавството за животна средина и клима во 2022 година во Република Северна Македонија.
Како што е најавено, на промоцијата ќе се обратат заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, Адријана Лавчиска од Фондацијата отворено општество Македонија и Бојана Станојевска Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени.
Подготовката на вториот извештај во сенка за Поглавје 27 е реализиран во рамките на проектот „Анализа на напредокот на усогласеноста и имплементацијата на ЕУ законодавството за животна средина и климатски промени со националното законодавство“, спроведуван од Центар за климатски промени со финансиска поддршка на Фондација отворено општество Македонија (ФООМ).
Главна цел на проектот и на Платформа 27 е да го следи напредокот во усогласувањето на националното законодавство за животна средина и клима со европското и да го анализира неговото спроведување на национално и локално ниво и со тоа да биде активен партнер во претпристапните преговори за влез во ЕУ во однос на Поглавјето 27.
Извештајот во сенка за Поглавје 27 е изработен во соработка со Милиеуконтакт Македонија, Еко-свест и Македонско еколошко друштво (МЕД).