Промоција на „Скршнувања“: Нова патека во животната дипломатија на Емануел Рембер


Во рамките на Саемот на книгата 2020, денес напладне на отворено, кај Аква паркот (Арена А1, СЦ „Борис Трајковски“), ќе биде промовирана книгата „Скршнувања“ на авторот Емануел Рембер, дипломат, советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје.

Оваа книга е збирка хроники, а опсегот на теми што ги опфаќа Рембер е широк и ги вклучува Охрид, Пелистер, Париз, Лондон, Ливерпул. Авторот оди на гости кај писатели, им пишува писма на своите деца, навечер длабоко размислува, преку ден кратко медитира, ужива во виното и запознава еден месар во Крушево.

И додека во својата книга “Во Лотарингија“ Рембер раскажува за патувањето по стапките на еден белгиски писател, „Скршнувања“ е огледало на новите патешествија во Северна Македонија.

Разговорот со авторот ќе го води Бојан Саздов, директор на „Три“. По разговорот, авторот ќе ги потпишува книгите за читателите.

Рембер завршил докторски студии по лингвистика и дидактика на францускиот јазик на Универзитетот во Руан, на тема: „Имиџот и положбата на францускиот јазик во американските универзитети“. Работел како лектор по француски јазик на Катедрата за француски јазик на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, САД, а работел и како директор на француските студии на Институтот за американски универзитети во Екс-ан-Прованс. Потоа работи како директор на 600 испитни центри за 88 земји во Дирекцијата за меѓународни односи / Дирекција за образование при Стопанската комора во Париз.

Дипломатската кариера ја започнува како аташе за соработка за француски јазик во Осло, Норвешка, а потоа во Братислава, Словачка. Од 2007 до 2010 година е дописник и одговорно лице за Балканот и континентална Европа во француското Министерство за надворешни и европски прашања, во Централната канцеларија за странски и европски прашања. Во 2012 година заминува во Триполи, Либија, како Советник за политички прашања во Амбасадата на Франција, а потоа на истата функција и во Брисел.

Во 2013 година Рембер е одликуван е со „Златен медал на честа“ од страна на француското Министерство за надворешни работи.

Тој е автор е на четири книги: „Чествување на Доминик“, „Шапката на Баренц“,„Немирни денови во Либија“ и „Во Лотарингија“.