Промоција на романот „Бунар оловни солзи“, вториот дел од серијалот „Последна граница“ од Зоран Милошевски


Промоција на романот „Бунар оловни солзи“, вториот дел од научнофантастичниот серијал „Последна граница“ од Зоран Милошевски ќе се одржи во сабота, 19 часот во кино „Фросина“ (МКЦ – Скопје).
 
Се работи за продолжението на серијалот „Последна граница“, од кој првиот дел насловен како „Истапени сечила“ беше објавен во 2019 г.
 
По падот на замокот Вечна карпа и поразот на Големата Куќа Рико, војводата Анести Симон Рико со преостанатите следбеници пронаоѓа прибежиште кај Големата Куќа Максимилијан.
 
Тоа не ги спречува нивните заколнати непријатели, Големата Куќа Антона, да ги гонат до самиот крај на светот, сè додека последниот припадник на Големата Куќа Рико не е избришан.
 
Втората книга од научнофантистичната авантура крие и изненадувања за овие ривали. Од пеплиштата на Вечноста се издигнуваат нови непријатели, подготвени на сè за да ја остварат својата цел. А, тука е и мистериозното Братство на Интервентите и нивните верни Сенки.
 
„Исто како што Френк Херберт во својата ’Дина‘ предупредува на опасноста од харизматичните водачи, Милошевски во ’Последна граница‘ предупредува на нешто исто толку опасно – на луѓето на кои не им е грижа, на оние на кои им е сеедно дали светот ќе изгори“, Јордан Коцевски, главен уредник на списанието за книжевност
„(е)Лит“
 
Зоран Милошевски е автор и на научнофантастичниот роман „Сага за Тројство“ (ПНВ Публикации, 2018).
 
Промоцијата ќе се организира согласно протоколите за заштита од ковид. Промотор е Јордан Коцевски, а модератор – Јулијана Величковска.