Промоција на последниот објавен превод на Драги Михајловски – „Големата црвена книга“ од Руми


Во Културно-информативниот центар во Скопје во четврток, 28 ноември, во 19,19, ќе се одржи промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски. Станува збор за најновото еднотомно издание на „Три“ од поезијата на Руми, „Големата црвена книга“.

Како што соопштија од издавачката куќа, Џелаледин Мевљана Руми е еден од најголемите, најчитаните и најтолкуваните поети во светот. Неговите стихови претставуваат непроценливо светско наследство и досега се препеани од повеќе македонски преведувачи и поети. Меѓу нив, освен познатиот препев на Драги Михајловски, се вбројува и Ана Пејчинова, која ќе биде промотор токму на ова дело. Заедно со Ирена Јурчева, која е втората говорничка на настанот, и Виолета Танчева-Златева во улога на модераторка, таа ќе зборува за поезијата на Руми и ќе се обиде да проникне во длабочините на овој препев.

– Ако може да се каже дека преведувачот е коавтор на делото, тогаш Драги Михајловски е навистина тоа. Тој успеал да ги почувствува емоциите и да ги обликува во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство, посочуваат во соопштението.