Промоција на поетската збирка „Бистрица Миркуловска Ин мемориам“


Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје денескаво 11 часот ќе биде промовирана поетската збирка  „Бистрица Миркуловска Ин мемориам“ во издание на Здружението на просветни работници – литературни творци на Македонија.

Книгата содржи поетски и прозни творби на 27 автори посветени на покојната професорка Бистрица Миркуловска, еминентна писателка за деца, младинци и возрасни, општествено-хуманитарен деец.

На 17 септември годинава почина истакнатата писателка Бистрица Миркуловска, која со 94 години беше најстариот член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ).

Миркуловска е родена на 14 март 1930 во Скопје, а беше поетеса, македонистка, раскажувачка, писателка за деца и преведувачка. Завршила Филозофски факултет во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Била лекторка по македонски јазик и книжевност на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка.

 Авторка е на книгите: „Цвеќенца“ (поезија за деца, 1960), „Градинче“ (раскази за деца, 1962), „Првачиња“ (поезија за деца, 1972), „Празнични виделини“ (поезија за деца, 1979), „Виножито“ (раскази, 1979), „Сите деца мили“ (поезија за деца, 1982), „Ѕвездена“ (бајки, 1986), „Виделина“ (бајка, 1989), „Клучарчиња“ (роман за деца и млади, 1992), „Прекршен лет“ (поезија, 1996), „Кога цутеа костени“ (поезија, Брно, 1997).

Таа беше добитничка на Потокарова повелба на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик. За една од последните нејзини стихозбирки „Фатаморгана“, ДПМ во 2017 ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.