Промоција на пет реобјавени дела од Блаже Конески, во чест на стогодишнината од неговото раѓање
Во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески, издавачката куќа „Арс Ламина“ реобјави пет негови значајни дела. Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“, кои се со нови предговори и поговори, напишани од еминентни книжевници и професори.
По тој повод вечер во фоајето на Националната опера и балет, ќе се одржи свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“.
Како што соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“, на свеченоста ќе зборуваат авторите на предговорите, односно поговорите: академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Димитар Пандев. Модератори ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ, уредници на петте книги, кои се дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Во програмата се предвидени и проекција на видео, специјално снимено по повод јубилејот, како и рецитал, во кој познатиот актер Ѓорѓи Јолевски ќе чита избор песни од Конески.
Реобјавените книги од Блаже Конески ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.