Промоција на „Лидија или сѐ што знам за жените“ од поетот Тихомир Јанчовски


Во Планетариумот при МКЦ вечерва од 20:30 часот ќе биде промовирана аудиокнигата „Лидија или сѐ што знам за жените“ од поетот Тихомир Јанчовски.

„Во ликот на Лидија се собрани сите жени. Таа е архетип на сѐ женско, жена како битие. Има разлика меѓу машко и женско гледање на работите и сега ми се разјаснија тие работи… Во книгата е пишувано од аспект на тоа како еден маж ги гледа жените, а женскиот аспект на гледање е само начнат преку Лидија“, се вели во најавата за аудиокнигата.

Според авторот, оваа книга е нешто помеѓу поезија и проза, нешто што и не мора да се дефинира.

„Здраво Лидија, Ова не е писмо, ова е почеток на една книга. Не знам како ќе се вика, насловите обично доаѓаат на крајот. Тоа е најмалку битно. Засега, книгата може да се вика ‘Лидија, или сѐ што знам за жените’. Или само ‘Здраво Лидија’ (ако бидат писма или раскази). Ти немаш многу врска со сето тоа, иако може и поинаку да се сфати. Името во насловот секогаш може да се смени, нема да влијае на суштината. И ти си можела да се викаш Софија, Ана, Силвија, Лена… речиси сите женски имиња завршуваат на А“, стои во најавата.

Гласовите во книгата се на Игор Трпчевски, Лидија Ангелова и Тихомир Јанчовски. Снимател и монтажер е Тони Мичевиќ.