Промоција на „Куфер“ – збирка поезија од Ерол Туфан во МКЦ
На платото пред МКЦ вечер во 20 часот ќе биде промовирана збирка поезија од Ерол Туфан насловена „Куфер“.
Стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски. Во книгата се објавени и два пригодни поговора од проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска.
Промотори на збирката се Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а модератор на настанот е Јулијана Величковска.
Ерол Туфан е роден во Гостивар, 1959 година. Тој е поет, есеист и преведувач. Студирал право во Скопје и Конја. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно во 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Ја приреди и во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülya bitince“ (2021). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење Књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.