Промоција на книгата „Моделирање на институциите во уметноста и културата“ од Биљана Тануровска-Ќулавковски


Книгата „Моделирање на институциите во уметноста и културата“ од Биљана Тануровска – Ќулавковски ќе биде промовирана вечер во Културно-информативниот центар – Скопје. Книгата е во издание на Ми-Ан.

Книгата ќе ја промовираат Лорета Георгиевска – Јаковлева, Славчо Димитров и Роберт Алаѓозовски.

Биљана Тануровска – Ќулавковски е културен работник- истражувач, куратор, продуцент, ко-основач на организации, мрежи, платформи и простори. Фокусот на нејзиниот професионален интерес е во истражувањето на изведбените и перформативните уметнички пракси, културните политики и проблематизирање на нивното влијание врз развојот на социокултурниот систем, работните услови, уметничките пракси и управувачките модели (на институциите). Работела како предавач на ФМУ во Скопје и како гостин предавач на ФДУ академиите во Белград, Загреб и Подгорица, на уметничките академии во Копенхаген, Стокхолм, Хелсинки и Прага, а во моментот е ко-директор на курсот за „Кураторски практики во контекст“ на Универзитетот за уметности во Стокхолм, ко-ментор на едукативната програма „Критичка пракса“ (made in YU) и Фестивал Академија од Брисел. (Ко)уредува, и објавува стручни текстови и книги во поле на изведувачките уметности, кураторските практики, културната политика и управувањето во културата, од кои последни се „Секогаш контекстуализирај- вежба за курирање на изведбени уметности“, „Курирање во контекст“ и „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите“.

Моментално работи на истражување и развој на „Архив за танц и перформанс на Балканот“ како дел од проектот (Не)врзани движења на Номад Танц Академијата. Дипломирала историја на уметност и археологија, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културна политика на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград во 2018г. Во 2019 год. за својот докторски труд ја добива меѓународната наградата на ENCATC, а, во 2021 година, ја добива наградата на AICA Македонија „Ладислав Баришиќ“ за истражувањето „Политички перформанси како проширено поле во Македонија во 90-тите“.