Промоција на книгата „Чаша чај од смртен грев“ од Верица Ацеска


Во Младинскиот културен центар вечерва ќе биде промовирана третата книга на писателката Верица Ацеска. Станува збор за книгата „Чаша чај од смртен грев“ која доаѓа по двете веќе објавени книги „19.“ и „Паралел“ во издание на „Прозарт медиа“.

„Чаша чај од смртен грев“ е комплексен и истовремено едноставно напишан роман, во кој авторката мошне лесно ја води приказната од една наративна точка до друга, притоа „заведувајќи“ го читателот со леснотијата на читањето на една исклучително тешка тема поврзана со децата, детството, саканите и несаканите деца, малтретираните деца, децата чие детство не им помага во светот кога ќе пораснат и остарат, ниту им го менува животот токму поради тие детски трауми.

Авторката, го води читателот низ сериозните, клучните животни процеси на неколку главни ликови, сите централно поставени околу ликот на Тања, која е млада жена, професорка по физика, што на почетокот на книгата ја запознаваме и преку нејзината најрана младост, првата љубов и истовремено случените настани, но и оние потенцијалните, никогаш не реализирани.

Ставајќи ги ликовите во контекст, Верица Ацеска, како и во претходните свои книги, останува доследна на тоа дека секој има причина за своето однесување и дека таа причина е најчесто во нашето детство, поточно во некоја од траумите на нашето детство.

Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.