Промоција на Извештај за влијанието на антиковид-мерките врз правата на маргинализираните заедници
Мрежата за заштита од дискриминација денеска ќе го одржи онлајн-настанот „Човекови права на маргинализираните заедници во услови на Ковид-19“, на кој ќе биде промовиран Извештајот од истражувањето на влијанието што мерките за справување со Ковид-19 го имаат врз човековите права на маргинализираните заедници.
Како што информира коалицијата Маргини, на промоцијата ќе бидат презентирани клучните наоди од истражувањето и ќе биде отворена дискусија за влијанието што пандемијата и донесените мерки за справување со неа го имаат врз правата на маргинализираните заедници.
На настанот е најавено учество на Драгана Дрндаревска од Коалицијaта Маргини, Кире Миловски од Фондација Отворено општество – Македонија, Наташа Бошкова од Коалицијата Маргини, Маргарита Глигуровска од ХОПС- Опции за задрав живот Скопје, Росана Богатинова од Мрежата за заштита од дискриминација, Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ и Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
– Здруженијата од Мрежата за заштита од дискриминација во текот на пандемијата активно работеа со маргинализираните заедници за кои се застапуваат, ги мапираа потребите, предизвиците и ефектите и предлагаа решенија за олеснување на ефектите од пандемијата врз нив, се наведува во соопштението.
Врз основа на истражувањето се добиени релевантни заклучоци и препораки за поуспешна заштита на правата и пресретнување на потребите на маргинализираните заедници во услови на криза, но и надвор од неа.
– Резултатите и препораките од истражувањето ќе бидат јавно презентирани на овој настан и ќе служат за застапување засновано врз докази, за унапредување на гарантирањето и заштитата на човековите права на маргинализираните групи, преку унапредување на политиките, практиките и капацитетите на институциите, се додава во соопштението.