Промоција на изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ
Во Музејот на македонската борба денеска во 18, 30 часот издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го промовира изданието „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Во промотивниот дел ќе учествуваат универзитетската професорка и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, во улога на промотор, уредничката на изданието Бисера Бендевска, како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.
Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.
Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-продавницата „Литература.мк“