Промоција на евровизиската песна „Circles“ во Црна Гора

Во очекување на финалната аудио верзија и видеоспот за песната „Circles“, следната дестинација на Андреа е Романија, каде таа ќе гостува на финалето на романскиот национален избор за Евровизија на 5 март


На покана на Радио и Телевизија Црна Гора, македонската евровизиска претставничка Андреа викендов беше гостинка во Подгорица, Црна Гора. Андреа зема учество во специјална евровизиска емисија „12 поени за Црна Гора“, чиј домаќин беше Владана Вучиниќ, која годинава во Торино ќе настапи за Црна Гора со песната „Breathe“.

Владана е автор на песната „Breathe“, а вели дека текстот го напишала во еден здив, опишувајќи ги тешките мигови со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата. Продуцент на песната е Дарко Димитров.

Во специјалното ток шоу присуствуваа и неколку минати евровизиски претставници на Црна Гора, како Нина Жижиќ, која настапи во 2013-та година со песната „Игранка“, Кнез кој ја претставуваше Црна Гора со песната „Адио“ во 2015-та година, Лука Војдовиќ од групата Highway, кои на Евровизија учествуваа во 2016-та година и Тамара Вујачиќ од групата D Mol кои беа последни црногорски претставници во Тел Авив, 2019-та година.

Музичарите ги споделија своите евровизиски искуства, а во спонтана атмосфера отпеаа и по некој омилен евровизиски рефрен.

Нашата Андреа за оваа прилика ја одбра песната „Euphoria“ од Лорен.

„Ми беше задоволство што имав прилика да ги запознаам овие талентирани и прекрасни музичари и луѓе. Сите ние ја делиме истата страст кон музиката и желбата да го дадеме најдоброто од себе на големата евровизиска сцена“, вели Андреа по средбата со колегите од Црна Гора.

Емисијата „12 поени за Црна Гора“ во која премиерно со видеозапис ќе биде промовирана евровизиската песна на Црна Гора „Breathe“ ќе се емитува на 4 март на првата програма на РТЦГ во 21 часот и 15 минути.

Андреа беше гостинка и во емисијата „Стил“ на авторката Ранка Перовиќ, а се сретна и со претставници на специјализираниот евровизиски блог escbubble.

Во очекување на финалната аудио верзија и видеоспот за песната „Circles“, следната дестинација на Андреа е Романија, каде таа ќе гостува на финалето на романскиот национален избор за Евровизија на 5 март.