Промоција на добитниците на наградата ДЕНЕС 2022 во Националната галерија


Во Националната галерија на Република Северна Македонија вечер ќе бидат промовирани четворицата уметници финалисти на наградата ДЕНЕС 2022, Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров.

Организацијата „Факултет за работи што не се учат“ во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

За утревечер е предвидена изложба на четворицата уметници и церемонија за наградата.

Жири комисијата за наградата ДЕНЕС е составена од Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопје викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.