Промоција на дигитално реставрираната верзија на „Мирно лето“


Кинотеката на Македонија денеска ќе го промовира блуреј дискот со дигитално реставрираната верзија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли. Тоа е прво блуреј издание на еден македонски филм.

Лани, по повод 60-годишнината од излегувањето на филмот, Кинотеката ја направи неговата дигитална реставрација. Во филмот играат Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Филмот „Мирно лето“ нема целосни оригинални негативи, туку само позитив 35-мм копии кои останале од кино-дистрибуцијата во минатото, кои денес не се технички соодветни за проекции. Затоа тимот на Кинотеката – Игор Старделов, филмолог-советник и раководител на Архивот, Александар Трајковски, филмолог и Тихомир Кашмицовски, филмски техничар – го надгледуваа процесот на скенирање на интернегативи во 2К-резолуција, кои беа обработени од лабораторијата „Клик филм“ во Загреб, Хрватска. Звукот исто така беше дигитално обновен.

–Голема одговорност и привилегија е да се работи на дигитализацијата и дигиталната реставрација на македонското аудиовизуелно наследство. Секој филм има свој „животен циклус“, кој започнува со снимањето на филмот, а продолжува со прикажување на фестивали и киносали. Дигитализацијата, односно дигиталната реставрација, претставува еден вид реанимација, оживување на филмот, продолжување на неговата животна приказна…, вели филмологот Александар Трајковски.

Во април 1991 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Мирно лето“ – осмиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 2001 година беа објавени вкако посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Во 2011 година е одбележана и 50-годишнината од „Мирно лето“.