Промоција на четири романи на Луан Старова објавени на хрватски
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2019/05/луан-старова-на.jpg)
Во свечената сала во МАНУ, денес, во 12 часот ќе се одржи промоција на четири романи објавени на хрватски јазик од академик Луан Старова. За овие романи и балканската книжевна сага ќе говорат проф. д-р Елизабета Шелева и академик Ферид Мухиќ.
Поминаа речиси две децении од објавувањето на веќе култниот роман на Луан Старова во Загреб – „Времето на козите“ во репрезентативната едиција „Хит-романи“, а во превод на врвниот хрватски преведувач Мате Марас. Романот објавен со предговор на Едгар Морен наиде на одличен прием кај хрватската книжевна критика. Издавачот „Тим-прес“, надоврзувајќи се на овој интерес, ги објави во заедничка книга „Времето на козите – Враќањето на козите“, во превод на Борислав Павловски.
Издавачот „Тим-прес“ потоа ја објави книгата „Ервехе – книга за една мајка“ во превод на Жељка и Споменка Демниевска и организира промоција во Загреб на која говореше и познатиот писател во регионот, Миленко Јерговиќ. Потоа, авторот со романот „Ервехе“ беше претставен на реномираниот Саем на книгата во Пула и четвртиот роман на Луан Старова, „Љубовта на генералот“, неодамна во Загреб од истиот издавач.
Загрепскиот издавач не прави исклучок кога е во прашање сериското издавање романи од балканската сага на Луан Старова. Така, во Париз се објавени пет романи од балканската сага, во Софија пет, во Турција четири, во САД и Италија по три романи итн. И не само тоа, за овие романи од балканската сага се бранети докторски дисертации, пишуваат монографии, а пишувале и критичари и мислители како Едгар Морен, гонкуровецот Морис Друон, Предраг Матвејевиќ, Ален Боске, Васили Василикос, Антон Дончев, Исмаил Кадаре и други. Во париската книжевна критика делата од балканската романескна сага на Луан Старова се вреднуваат во големите европски романи.