Промоција на албумот „Ruh“ на групата „Next to silence“ во сабота


Во пресрет на 43. Скопски џез фестивал кој ќе се оддржи од 17 до 20 октомври, организаторите повикуваат на загревање на слушачка промоција на новото ЦД издание на „SJF Records“, албумот „Ruh“ на групата „Next to silence“, на 12 октомври, сабота во 20 часот во АудиоКултура.

„Next to silence“ се Кирил Кузманов – саксофон, Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас гитара и Гоце Наумов – тапани. Ова е нивниот втор студиски проект, сочинет е од 5 нови композиции во кои, како што велат од фестивалот, тие вешто ја испреплетуваат духовноста и сарказмот, беседат за она што е далеку од нивната тактилност, но длабоко вкоренето во нивното осмислување на светот.

„Доследни на традицијата да се повикуваат на поими кои имаат пластови од всадени значења, тие звучно го илустрираат она што зборовите само површно го допираат. Со својата музика посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, а кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции“, додаваат оттаму.

Композициите се снимени и миксани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Како продуценти се потпишани „Next to Silence“ и Ивица Јанкуловски. Дизајнот на омотот е дело на Ника Гавровска. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Покрај физичкото компакт-диск издание, „Ruh“ ќе биде достапен и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube и други.

„Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 43. Скопски џез фестивал, претставува воедно и најава на концертот на ‘Next to Silence’ во рамките на фестивалската програма кој ќе се случи во четврток, 17 октомври, во МКЦ од 23 часот, на којшто премиерно ќе биде изведен во живо новиот материјал на групата“, додаваат од фестивалот.