Прометот на Берзата на ниво од пред 2018 година, но котираните компании се држат добро со добивка од 162 милиони евра

прометот на берзата кој оваа година е вратен на нивото како пред 2018 година


Намлен берзански промет, но и добри деловни резултати на котираните компании, како и бројни фактори кои влијаеа врз расположението на инвеститорите, го одбележаа работењето на Македонската берза во изминатата година. Денес во Охрид, на 22. Годишна конференција на Македонската берза, учесниците на собирот се фокусираа на изнаоѓање можности за заживување на пазарот на капитал, како и подобрување на законската рамка со цел да се раздвижи што е можно повеќе тргувањето со хартии од вредност.

И годинава на конференцијата учествуваат претставници на повеќе сегменти од финансискиот сектор и институции на пазарот, компаниите, државните органи, како и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во обраќањето пред учесниците рече собирот лани придонел да се направи стратегија за развој на финансиските пазари, со вклученост на сите финансиски институции во државата.

„Веќе како резултат на таа стратегија имаме нови закони што се во процедура, како законот за хартии од вредност, законот за финансиски инструменти и за проспекти, хартии од вредност и транспарентност во постапките“, истакна Бесими.

Тој посочи дека оваа година се донесени повеќе финансиски инструменти насочени кон развој на финансиското работење во земјата.

– Тоа се граѓанската обврзница што имаше успешна реализација, со вклученост на голем број граѓани, вредна 25 милиони евра, која поради интересот ќе ја обновиме наредниот месец, со каматна стапка од пет проценти…Во интерес на развојот на финансискиот пазар имавме сериозна поддршка од банките и првичната идеја ја редизајниравме со препораките од банките, така да имавме еден инклузивен процес, рече Бесими.

Тој најави дека веќе од денеска почнува издавањето на двегодишна „зелена“ обврзница, со каматна стапка од 4,75 проценти, отворена обврзница и за граѓаните и за банкарските институции.

Бесими посочи на нови инструменти, новитети што се воведуваат во насока на развој на финансискиот сектор. Тука ги посочи трите структурни обврзници на општините за кои рече дека секако на секундарниот пазар ќе завршат преку некои трансакции, потоа редовното годишно издавање на обврзниците за денационализација и други типови обврзници што веќе се презентирани и се реализираат. Во насока на развој на финансискиот пазар, најави дека ќе следуваат и нови финансиски инструменти, со цел вклучување на малите и средните претпријатија во финансиите…

– Мислам дека за развој на економијата клучен е и развојот на финансиските пазари…Мораме да сме похрабри, покреативни. Економијата секако ја водат големите компании, но да не заборавиме дека пристапот до капитал, до финансиите мора имаат и новите идеи на младите претприемачи. Тие носат нови идеи. На крај тие пак ќе завршат со инвестиции на некои инвеститори или големи компании, така што тука има простор за развој и се надевам дека сме на прав пат, рече Бесими.

Нора Алити, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, пред учесниците посочи дека оваа година Комисијата интензивно работела на финализирање на текстовите на Законот за финансиски инструменти и на Законот за проспект и обврски за транспарентност на издавачите, со очекувања дека многу скоро новата регулатива за пазарот на капитал ќе биде во собраниска процедура која што ќе биде со одложена примена.

-Ни претстои обемна правна реформа која овозможува да имаме исти правила за инвеститорите и за пазарните учесници со правилата на земјите членки, засилена правна заштита и поголема транспарентност, рече таа.

Според Алити, Комисијата за хартии од вредност ќе добие нови, сеопфатни овластувања какви што имаат европските регулаторни тела, со цел поефикасно справување со предизвиците од широкиот опсег на услуги и активности, предвидени со новата регулатива.

-Несомнено, со модернизацијата на регулативата правиме голем исчекор во правец на ЕУ интегрираноста на нашиот пазар на капитал.  Тоа е патот на успехот. За да го постигнеме, неопходно е да ја осигуриме европерспективата на земјата, како најсилна гаранција за економскиот развој, додаде таа.  

Сепак , таа посочи дека довербата и интегритетот не можат да се постигнат во изолација, само со законите и со правилата.

-Само доколку секоја компонента на екосистемот на пазарот на капитал – почнувајќи од инвеститорите, експертите, полиси мејкерите, регулаторот, овластените  пазарни учесници, давателите односно провајдерите на пазарната инфраструктура,  котираните компании и др., работат колективно и заеднички, тогаш ќе  го постигнеме тоа, заклучи претседателката на КХВ.

Директорот на Македонската берза, Иван Штериев, пред учесниците посочи на факторите, внатрешни и надворешни, што придонеле за забавена берзанска динамика, со намалување на прометот на берзата кој оваа година е вратен на нивото како пред 2018 година.

Според, него, надворешните влијанија го влошуваат општото економско опкружување, целата 2023 е обременета од сериозни предизвици, песимизам поради зголемување на инфлацијата и каматните стапки, можноста од рецесија, импликации од старите и новите задолжувања на државниот и приватниот сектор, фискалните прилагодувања и новитети, и последиците од пандемијата и од војната во Украина.

– Сепак, засега котираните компании добро се држат, од вкупно 93 котирани компании 68 пријавиле добивка во првото шестмесечие во кумулативен износ од 162 милиони евра, што е пораст на годишно ниво од околу пет проценти, рече тој.

За намалената динамика негативно влијаеле и некои некои внатрешни фактори.

–  Силно е негативното влијание на оданочувањето на капиталните добивки, прометот е евидентно помал. Ова даночно решение ќе мора во иднина да се ревидира, рече тој.

Банкарските депозити во меѓувреме станале поатрактивни, и поради зголемените камати и поради нивното неоданочување.

–  Пазарот е константно плиток, со доминација на ритеил инвеститорите. Продолжува ниското учество на странски портфолија и инвеститори, а згора на тоа очекувано зголемување на македонските инвеститори во странство, рече Штериев.

Директорот на берзата посочи на потребата од ресетирање на пазарот, со подобрување на понудата како врвен приоритет.

– Веруваме дека на нашиот пазар побарувачка за квалитетни финансиски инструменти има, Побарувачката секако може да се надгради, да се привлечат нови инвеститори, но таа не е суштинска пречка за развој, понудата е огромниот предизвик, и токму поради тоа акцентот го ставаме на подобрување преку проекти како што се новиот Кодекс за корпоративно управување, вградување на ЕСГ стандардите кај компаниите, континуираните нивелации на правилата за котација и обелоденување, инсистирање на повеќе информации на англиски јазик, организирање на роад шоуа итн , рече Штериев. 

Како што истакна, треба да се биде реален, дека домашните најликвидни компании се мали во меѓународни рамки. 

– Македонскиот пазар, согласно прифатените класификации и поради својата големина едноставно не привлекува позначајни институционални инвеститори, така што шансата и прозорец за македонскиот пазар се регионалните инвеститори. Нашата шанса и „прозорец“ како пазар се токму регионалните инвеститори, рече Штериев.

На годишната конференција во Охрид учествуваат повеќе од 200 претставници на финансиски институции, компании, субјекти што работат со хартии од вредност, како и странски учесници меѓу кои и претставници на пет регионални берзи – од Загреб, Љубљана, Бања Лука, Белград и Софија.