Променливото време и врнежите добредојдени за земјоделството


Топлото време со температури и над 25 степени во претходните денови, ги изнесе земјоделците на нивите. Ваквите температури, надпросечни за овој период на годината, беа добредојдени за културите кои имаат потреба од повеќе сонце за развој. Како што велат метеоролозите, поволно влијаат и повремените врнежи дожд поради потребата од влага во почвата.

Според метеоролозите, овој период, кога ќе се создадат услови, треба да се искористи и за заштита на растенијата од болести, штетници и плевели кај житните култури. Почвената температура на длабочина од пет сантиметри се очекува да се движи од 15 – 22 степена.

-Временската сосотојба неделава е променлива, со пад на утринските и дневните температури кои се движат од 5 – 14 степени и  од 13 – 23 степени, како и со услови за појава на дожд. Не се очекуваат големи количества врнежи, но дождот секако е добредојден за производителите на житни култури зашто недостигот на влага, особено се чуствува во површинскиот слој, во кој, во оваа фаза од развојот се наоѓа најголемиот процент од кореновиот систем. Потребите на вода во оваа фаза се најпотребни. Водата исто така е неопходна и за останатите култури иако има доволно влага во подлабоките словеи од почвата, но поради интензивниот развој на растенијата има и поголема потрошувачка на водата, објаснуваат од УХМР.