Пролетта носи промени во најголемите политички партии во земјата
Први внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, со само еден кандидат – актуелниот лидер на партијата и премиер Зоран Заев, по што се најавени кадровски промени во врвот на партијата, барање за вонреден конгрес на незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ, обединување и повик за нови членови, први чекори за реализација на договорот за надминувања на несогласувањата во партиското раководство во ДУИ… Дали овие случувања навестуваат промени во трите најголеми партии во земјата во можеби најтешката година за нас поради кризата предизвикана од Ковид-19 и во пресрет на локалните избори?
Близу 69.000 членови утре ќе избираат претседател на СДСМ. Ова ќе бидат први директни, внатрепартиски избори. Кандидат за претседател е само актулениот премиер и прв човек на партијата Зоран Заев. За неговата кандидатура треба да се изјаснат сите активно регистрирани членови на СДСМ. Партијата во изминатите недели во пресрет на изборите и мајскиот конгрес го ажурираше членството.
Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот. Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68 999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Информација за текот на гласањето и резултатот, како што информираат од партијата, ќе биде соопштен во недела по завршување на процесот на гласањето.
Од СДСМ наведуваат дека претстојните избори, претставуваат постулат на демократските вредности, каде прв пат во историјата на нашата држава, самите членови на партијата ќе си го бираат својот претседател.
-Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната и најмодерната партија – СДСМ, нагласуваат оттаму.
На неодамнешната прес-конференција кога ја претставуваше својата програма, единствениот кандидат за претседател на владејачката партија Заев го повика членството да гласаат „за“, како што кажа, новата политика на СДСМ. За тоа дали се запазени стандардите имајќи предвид дека тој е единствен кандидат,тој кажа дека Централната изборна комисија и органите на партијата овозможиле да се гласа „за“ и „против“.
Заев најави „пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија“, а доколку ја добие довербата и „досега најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ“.
Новата политика ќе значи реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ.
-Некои многу сработуваат и водат напред, некои можат многу повеќе, но некои потфрлија, беше јасен Заев на прес-конференцијата, кој кажа дека единствениот долг што го прифаќа е оној кон граѓаните за ефикасна и за доследна испорака на ветеното, одговорност кон граѓаните и секој пред самиот себе.
Ние, рече актуелниот премиер, им служиме на граѓаните, а времето на неказнивост заврши, на ред е правдата.
-Истото важи и за сите нас од СДСМ. Членската книшка од партијата не значи привилегија, туку уште поголема одговорност. Борбата против криминалот и корупцијата носи подобар економски стандард, подобро здравство, образование, подобри институции, но и побрз пат кон ЕУ, рече тој.
Финално, новата политика, според него, значи охрабрување на различно мислење и почитување на туѓи ставови.
Заев, меѓу другото, кажа и дека е за национален консензус за главните прашања, против поделби, за заедништво и оти за најважните прашања треба да застанат заедно со опозицијата.
Фокусот, најави тој, ќе остане на борбата со пандемијата и новата развојна економија, на креирање и реализација на економски политики, нови работни места, повисоки плати и развојна економија…
Но, што практично значат овие најави на Заев за кадровски смени и нова политика на СДСМ, засега никој јавно не сака да коментира.
Од СДСМ за МИА велат дека се уште е рано да се зборува за тоа и дека сега фокусот е ставен на внатрепартиските избори во недела.
Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?
Во очекување на враќањето на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски од боледување поради Ковид-19, истакнати членови на партијата ги повторуваат барањата за формирање експертска Влада. Во меѓувреме, веќе вчера ВМРО-ДПМНЕ испрати повик за нови членови. Од 20 март до 20 април партијата во општинските комитети ќе спроведе акција за приклучување и зачленување на нови членови. Опозициската партија се соочува со превирања и барање за вонреден конгрес од незадоволни членови на партијата и поранешни функционери, чија цел е смена на Мицкоски.
Мицкоски, кој се очекува од понеделник да започне со активна работа по прележаниот Ковид-19, се соочува со неколкумесечни барања за смена од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Иако најавен за 28 март, во четвртокот навечер одборот составен од поранешни функционери на партијата го одложи поради, како што наведоа во соопштението, влошената епидемиолошка состојба и доцнењето со техничките подготовки. За новиот термин, Иницијативниот одбор навремено ќе ги информира делегатите и јавноста откако тој ќе биде утврден.
ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираше по информацијата за пропаднатиот вонреден конгрес потенцирајќи дека пропаднала уште една инвестиција на Заев и оти ВМРО-ДПМНЕ е реформирана партија.
-Ова е и најголем доказ дека ВМРО-ДПМНЕ пактови со криминал не прави но и дека луѓе кои уценети одработуваат за Заев не може да бидат иднина. ВМРО-ДПМНЕ е реформирана и прочистена партија од компромитирани кадри кои решија да му служат на Заев, се потенцираше во партиското соопштение.
-Од самиот почеток на мојата работа како генерален секретар кажав дека ќе работам на обединување на партијата. Ги исконтактирав скоро сите поранешни и сегашни фукционери на партијата и мислам дека како раководство ја имаме поддршката од нив. Обединувањето станува реалност, изјави генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајковски.
Според него, на Македонија и се потребни промени и луѓе кои можат и знаат како да и помогнат на државата.
-ВМРО-ДПМНЕ и покрај структурите кои ги има во моментов ги отвора вратите за што поголем број искрени поддржувачи кои сакаат следниот период да се вклучат во работата на партијата и понатаму да ја градиме државата, вели Сајкоски.
ДУИ не најавува кадровски промени, фокусирани се на реализација на ветеното од владината програма
Повлекувањето на Изет Меџити од местото координатор на пратеничката група на ДУИ во Парламентот веројатно е првиот чекор за надминување на несогласувањата во партискиот врв. Меџити ова го направи неколку дена по состанокот на партиското раководство во Мала Речица на крајот на февруари. По овој состанок на Централното претседателство на ДУИ, лидерот на партијата Али Ахмети порача дека се разјаснети сите разлики и дека партијата е обединета.
-Објаснети се сите разлики, не остана ништо без да се објасни до последен атом затоа што пред нас има важни обврски, доаѓаат локалните избори и пописот и сакаме да бидеме дел од придонесот, рече Ахмети.
Десетина дена подоцна тој одговарајќи на новинарско прашање уште еднаш повтори дека нема раздор во партијата и дека парламентарното мнозинство е стабилно и покрај повлекувањето на Меџити.
Во јавноста се знае дека Меџити и неколку други функционери на ДУИ се „контра“ крилото на Артан Груби и Бујар Османи.
Арбр Адеми, кој дојде на местото координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието за МИА изјави дека повлекувањето на Меџити не е последица на тој состанок во Мала Речица. Тој потенцира дека во партијата не се разговарало за кадровски смени или промени туку дека тие се фокусирани на реализација на она што го ветиле пред граѓаните во програмата, а што станало дел од владината програма.
Во ДУИ, вели Адеми, од формирањето имало внатрешна дебата и критички размислувања и тука е предноста на партијата.
-Критичното размислување треба да продолжи, изјави Адеми.
Експертско мислење: Потребна е демократизација на партиите и нов изборен модел
Директорката на Интитутот за за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и вонреден професор Бојана Наумовска смета дека она што им е неопходно на политичките партии во Македонија е процес на демократизација.
– Иако постојано се залагаат за демократски избори и демократско однесување на власта (во случај кога се во опозиција), не превземаат конкретни чекори кои би значеле демократизација на нивните партии. И тука всушност е најголемата контрадикторност, очекувањата некој друг нешто да направи, паралелно со неменување на ништо во доменот каде од вас зависи, вели во изјава за МИА Наумовска.
За моменталната состојба во која се наоѓаат политичките партии во нашата држава, што, според неа, некако би значело и состојба на општеството, смета дека во голем дел е резултат на изборниот модел кој го имаме, или пак гледано од друга страна, смета дека промената на истиот ќе ги принуди политичките партии да се демократизираат.
-Главниот проблем би го лоцирала во лидерите (претседателите) на партиите, кои како да забораваат што значи демократија. Забораваат на граѓаните и нивниот интерес, но го забораваат и мислењето на нивното членство. Конечно треба да се напушти праксата на креирање на кандидатски листи во затворен мал партиски круг, назначување на позиции партиски „луѓе од доверба“ наспроти компетентност. И ова важи за сите политички партии кои се споменати во Вашето прашање, нагласува професорката.
Според неа, истражувањата говорат дека граѓаните не се задоволни од работата на Собранието и пратениците на кои го пренеле својот легитимитет. Довербата во Собранието е ниска, а однесувањето на пратениците, граѓаните генерално го оценуваат како однесување во насока на заштита на личниот и партискиот интерес. Ова мора да се промени, а како единствено излезно решение во овој момент претставува промена на изборниот модел, наведува Наумовска.
Професорката смета дека промената кон една изборна единица ќе значи поголема конкурентност и можност за поактивно вклучување на помалите партии.
-Но вистинска промена кон квалитетно Собрание, поврзување на пратениците со граѓаните и намалување на улогата на лидерите, очекувам со отворените листи и преференцијалното гласање, потенцира за МИА Наумовска, која е директор и вонреден професор на ИСППИ.