Производството во еврозоната во мај порасна за 12,4 отсто во однос на април, но е помало за 20,9 отсто од мај лани


Слични се и состојбите во ЕУ во целина, во мај во споредба со април индустријата произведе за 11,4 отсто повеќе, но во однос на истиот месец 2019, производсството е помало за 20,5 отсто

 

Во мај 2020 година, кога земјите-членки на Европската унија почнаа да ги олеснуваат мерките за ограничување поради КОВИД-19, сезонски прилагоденото индустриско производство се зголеми за 12,4 отсто во еврозоната и за 11,4 отсто во ЕУ, споредено со април 2020 година, покажува најновиот извештај на европското статистичко биро Евростат. Во април 2020 година, индустриското производство падна за 18,2 отсто и во еврозоната и во ЕУ.

Меѓутоа, доколку се споредуваат мај годинава и истиот месец лани тогаш податоците се поразлични – индустриското производство во еврозоната е помало за 20,9 отсто, а во ските земји на ЕУ 20,5 отсто.

Во еврозоната во мај 2020 година, во однос на април 2020 година, производството на трајни производи за широка потрошувачка се зголеми за 54,2 отсто, на капитални добра за 25,4 отсто, на репроматеријали за 10,0 отсто, на нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,8 и на енергија за 2,3 отсто, покажуваат податоците на Евростат.

Во ЕУ, пак, производството на трајни производи за широка потрошувачка се зголеми за 47,7 отсто, на капитални производи за 24,8 отсто, на репроматеријали за 8,7 отсто, на енергија за 2,5 и на нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,8 проценти.

Најголем пораст беше забележан во Италија (плус 42,1 отсто), Франција (плус 20 отсто) и Словачка (плус 19,6 отсто). Најголем пад на индустриското производство имаа Ирска (минус 9,8 отсто), Хрватска (минус 3,5 отсто) и Финска (минус 1,3 отсто).

Доколку овие податоци се споредуваат со оние од истиот месец минатата година, , тогаш во еврозоната во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, производството на капитални производи опадна за 28,4 отсто, на трајно потрошувачки производи за 24,0 отсто, на репроматеријали за 19,7 отсто, на нетрајни производи за широка потрошувачка за 14,4 и нан енергија за 10,3 отсто.

Во ЕУ, производството на капитални добра падна за 29,5 проценти, на трајни производи за широка потрошувачка за 23,2 отсто, на репроматеријали за 18,5 отсто, на нетрајни производи за широка потрошувачка за 13,4 и на енергија за 10,6 отсто.

Индустриското производство се намали во сите земји-членки за коишто се достапни податоците, со најголеми намалувања кои се регистрирани во Словачка (минус 33,5 отсто), Унгарија (минус 27,6 отсто) и Романија (минус 27,4 отсто).