Производството на возила во Кина ќе се намали за 11,5 отсто оваа година


Производството на лесни возила во Кина ќе се намали за 11,5 отсто оваа година, односно ќе бидат произведени 21,6 милиони возила, проценува истражувачката фирма „ИХС Маркит“. Како што јавува „Ројтерс“, за наредната година се предвидува закрепнување на производството за 7,5 отсто.

Производството и побарувачката на возила беше погодено низ целиот свет поради бројните ограничувања што ги презедоа државите заради корона вирусот што се рашири од Кина до Европа, во САД и на други места.

„Најновата прогноза го зема во предвид продолженото затворање на погоните за производство на автомобили во март и нарушувањето на синџирот на снабдување предизвикано од продолженото затворање на погоните во провинцијата Хубеи“, вели „ИХС Маркит“ во објавата на својот профил на социјалните мрежи.

„За кинеските производители на автомобили кои купуваат авто-делови од Европа, нарушувањето на производството во Европа може да биде фактор на ризик. Но, во оваа фаза не сме виделе дека епидемијата со коронавирус во Европа директно влијае врз производството на автомобили во Кина“, додава „ИХС Маркит“.

Минатата недела, „ИХС Маркит“ процени дека продажбата на лесни возила во Кина годинава ќе се намали за 9,9 отсто во споредба со минатата година, на околу 22,4 милиони возила, доколку централната власт на Кина не ги искористи мерките за зајакнување на побарувачката за автомобили.

Кинеската асоцијација на производители на автомобили (CAAM), која очекува вкупната продажба на автомобили во Кина да се намали за 5 отсто оваа година, ја повика владата да помогне откако продажбата на целата индустрија во февруари падна за рекордни 79 отсто во споредба со истиот период претходната година и кога побарувачката беше погодена од пандемијата на корона вирусот.