Произведуваме толку многу отпад, што не можеме ниту да го собереме


Фото: Б. Грданоски

Од година во година создаваме сè повеќе комунален отпад, а речиси на една третина од ѓубрето што го создаваме му се губи трагот. Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, лани во земјава биле создадени 915.943 тони комунален отпад. Годишното количество на создаден комунален отпад во 2019 година изнесувало 456 килограми по глава на жител, што е рекордна бројка од почетокот на објавувањето на овие податоци во 2008 година, пишува Мета.

Од вкупно создадениот отпад, општинските комунални претпријатија лани собрале 632.484 тони комунален отпад или за 1,1 отсто повеќе во споредба со 2018 година. Погледнато низ годините наназад, во изминатава деценија расте количеството на собран отпад, а и најголем дел од него (над 99 отсто) годиниве зад нас завршува на општинските депонии во земјава.

Сепак, загрижувачки се податоците за разликите во бројките помеѓу проценката на статистичарите за создадениот комунален отпад и собраниот отпад од општинските претпријатија, којшто само лани изнесувал енормни 283.459 тони. Ваквата сива бројка го вклучува целокупното ѓубре што го создаваат домаќинствата и компаниите, а за коешто нема официјални податоци што се случува со него. Низ целата држава, има околу 1.000 диви депонии, а нивниот број постојано варира, во зависност од тоа колку локалните самоуправи работат на нивното чистење, но и колкав „напор“ вложуваат несовесните граѓани за да создадат нови места за нелегално фрлање на отпад.

Инаку, за катастрофалната состојба со управувањето со отпадот во земјава критики добиваме и од Европската комисија (ЕК). Во последниот Извештај за напредокот на земјава за 2020 година, од ЕК забележуваат дека сè уште не се донесени законите за управување со отпад, а се одложува и воспоставувањето на интегриран регионален систем за управување со отпад во регионите низ земјава.

Со години наназад, не може да започне изградбата на ниту една од планираните регионални депонии, со кои би се овозможил современ третман на отпадот, вклучувајќи го и неговото рециклирање. Најнапред во реализацијата на регионалното управување со отпад се општините во Источниот и Североисточниот регион, а регионалната депонија во Општина Свети Николе би требало да започне да се гради во 2021 година, информираа за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање кон средината на октомври годинава.

Покрај тоа што ја уништува природата преку загадување на почвата и водата, фрлањето ѓубре на секој чекор низ земјава создава големи проблеми и со аерозагадувањето во зимските месеци. Дополнително на тоа што нелегално исфрлаат отпад на дивите депонии, несовесните граѓани намерно го палат насобраното ѓубре, со што значително придонесуваат за загадување на воздухот со опасни материи.