Прогресивна Бугарија на Радев води на сите анкети пред изборите
Во пресрет на гласањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија в недела партиите ги прават последните активности за што поголема мобилизација на гласачите.
Според резултатите од повеќето предизбори анкети, се очекува победа на коалицијата на поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, а мали нијанси во прогнозите има во однос на тоа колкава е разликата меѓу нив и втората партија ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, како и дали во парламентот ќе влезат пет партии, односно коалиции, и колку од учесниците во изборната трка ќе успеат да го минат прагот од 4 проценти.
Од последното истражување на јавното мислење спроведено од „Медија линкс“, финансирано заеднички со bTV, спроведено од 7 до 14 април, со опфат од 1.003 лица над 18 години, користејќи интервјуа лице в лице и онлајн-анкета, Бугарија ќе добие парламент сочинет од пет партии, со многу јасно изразен лидер, кој има амбиција да донесе промена во моделот на политичкото управување. Практично коалицијата на Радев ќе биде неприкосновен победник со најмногу освоени мандати и одѕив на гласачите од 61 отсто.

Имено, на анкетата за партијата Прогресивна Бугарија на Радев се изјасниле 30,8 отсто од анкетираните, втора е ГЕРБ – СДС со 18 проценти, трети се ПП – ДБ со 11,2 проценти, следува ДПС на Делјан Пеевски со 6,5 отсто и Преродба на Костадин Костадинов со 4,2 проценти. Неколку партии од актуелниот состав на парламентот – Величие, Сијание, МЕЧ и БСП – ОЛ – се под прагот од 4 отсто.
Со вакви резултати на денот на гласањето Прогресивна Бугарија на Радев би освоила 109 места во идниот состав на Народното собрание, ГЕРБ – СДС на Борисов – 57 мандати, ПП – ДБ – 37 пратеници, ДПС – 21 и 16 пратеници Преродба.
Ваквиот распоред на мандатите на Радев би му дал можност да формира мнозинство со коалиција на една од другите четири партии што ќе влезат во парламентот, но се смета дека тоа не е доволно за двотретинско мнозинство (161 пратеник), кое би му овозможило да направи реформи во судството.
Анкетата спроведена од социолошката агенција „Мерка“ за Бугарското национално радио посочува дека најмногу гласови ќе освои Прогресивна Бугарија, а разликата со второпласираната ГЕРБ – СДС на Борисов би изнесувала 16 проценти, а покрај сигурни пет партии/коалиции што ќе влезат во Народното собрание, на работ да го достигнат прагот е и БСП – ОЛ со 4 отсто поддршка.
Доколку изборите се одржат во првата половина на април, Прогресивна Бугарија би освоила 34,6 отсто од гласовите, ГЕРБ – СДС – 18,5 отсто поддршка, трети се ПП – ДБ со 11,4 отсто. Следуваат и ДПС – Нов почеток – 9,1 проценти и петта е Преродба со 7,4 отсто. Одѕивот на гласачите се проценува на потенцијални 50,7 отсто од вкупниот број запишани гласачи во ова истаржување кое е спроведено на репрезентативен примерок од 1.002 возрасни граѓани во Бугарија во периодот помеѓу 4 и 13 април, со интервјуа лице в лице, со таблети, меѓу 1.002 возрасни бугарски граѓани при статистичка грешка од ±3,1 при 50 проценти учество.

Според најновата анкета на „Алфа рисрч“, пак, објавена на последниот ден од изборната кампања, фокусот се става не на тоа кој е победник, туку на бројот на партии што влегуваат во парламентот, од што, се посочува, ќе зависи и можноста за формирање мнозинства, а тоа прашање, истакнуваат, останува отворено. БСП – ОЛ, според оваа анкета, влегува како шеста партија во законодавниот дом бидејќи би ја преминала границата од 4 отсто поддршка.
Прогресивна Бугарија со 34,2 отсто е водечка политичка сила, втора е ГЕРБ – СДС со 19,5 отсто, трета – ПП – ДБ со 11,6 отсто, четврти и петти се ДПС – Нов почеток со 9,4 отсто, односно Преродба со 5,8 отсто. И според податоците на „Алфа рисрч“, на овие избори се очекува висок одѕив на гласачите, кој достигнува околу 60 отсто или приближно 3,3 милиони луѓе.
Податоците од социолошката агенција „Тренд“ посочуват дека во 52. состав на парламентот ќе има пет партии. За БСП – Обединета левица ќе гласаат 4 отсто од избирачите, но според ова истражување, поголемата активност би ја довело во прашање застапеноста на оваа партија во парламентот.
Резултатите од истражувањето на „Тренд“ покажуваат дека Прогресивна Бугарија ќе добие 33,2 проценти поддршка, втори се ГЕРБ – СДС со 19,1 проценти, а неизвесна е борбата за третото место со оглед дека има мала предност во поддршката за ПП – ДБ со 11,2 проценти во однос на ДПС со 10,2 проценти. Петтата позиција е за Преродба за која поддршка изјавиле дека ќе дадат 7,1 проценти од гласачите.

Политичкиот аналитичар Димитар Христов во изјава за МИА оценува дека сепак анкетите треба да се земат со резерва. Тој смета дека постои тенденција во повеќето прогнози да даваат предност на новата партија, односно коалицијата на Румен Радев – Прогресивна Бугарија, и тоа вели одговара на очекувањата на мнозинството од Бугарите да се случи некаква промена.
Инаку, Радев, на завршниот митинг вчера порача дека очекува да освои апсолутно мнозинство и нема да прави компромис со нивната главна цел – праведна и правна држава. При тоа порача дека ниту во ГЕРБ, ниту во ПП-ДБ ни ДПС не гледа коалициски партнер. Ги изостави само Взраждане.
Асен Василев, пак од вчера одржаниот марш по повод Денот на конституцијата и заокружувањето на нивната предизборна кампања (Силна Бугарија во силна Европа“), порача дека избориве се можност да се раскрсти со Борисов и Пеевски. -Можеме да гласаме за силна Бугарија во срцето на Европа или за нов Орбан во ЕУ, кој мисли дека седењето меѓу две столчиња нема да нè фрли на земја, коментираше Василев алудирајќи при тоа на Радев.

Во интервју за бТВ, лидерот на ГЕРБ-СДС Борисов во однос на можноста за постизборни коалиции вели става крај на политиката на компромиси, при тоа бранејќи го учеството на неговата партија во разни коалиции. Тој воедно упати остро критики кон ПП-ДБ и Румен Радев.
– Мојата партија е во ситуација каде што повеќе не можат да се прават компромиси. Направивме огромни компромиси во име на државата, во име на стабилноста, но тоа е завршено. Отсега, или има јасни, прецизни и предвидливи одлуки, или едноставно нема да учествуваме во управувањето/ власта, дециден е Борисов во интервјуто објавено вчера.
По ваквите изјави и земајќи ги предвид анкетите, останува отворено прашањето дали и претстои стабилна влада на Бугарија, зрелоста и потенцијалот за коалициски капацитет или ова ќе бидат само уште едни во низата избори, до следните кои би се одржале заедно со редовните претседателски избори наесен.