Прогнози на Виенскиот институт за Балкан: Македонија ќе има раст од 1,6 отсто


На ниво на Западен Балкан растот на БДП во просек ќе биде 1,9 отсто во 2023 година, 2,8 отсто во 2024 година, а малку ќе надмине три отсто во 2025 година, се вели во соопштението на Виенскиот институт.

Инфлацијата на Западен Балкан во 2023 година се прогнозира во просек од 9,5 отсто, највисока во Србија – 12 отсто, а најниска во Албанија – четири отсто.

Виенскиот институт ги анализираше економиите на 23 земји во Централна, Источна и Југоисточна Европа во извештајот „Летни прогнози: Растот во Источна Европа слабее“.

Во 2023 година, Црна Гора, Косово и Албанија ќе имаат раст на БДП од повеќе од три отсто, од 3,5, 3,4 и 3,3 отсто соодветно, Босна и Херцеговина ќе забележи раст од 1,5 отсто и Северна Македонија од 1,6 отсто.

Слаб раст се очекува во многу од економиите во регионот, и покрај, како што се вели, импресивната издржливост покажана наспроти економските последици од војната во Украина.

Во соопштението на Виенскиот институт се наведува дека економиите во регионот продолжуваат да бидат силно оптоварени од високата инфлација, заострувањето на монетарната политика и слабоста на меѓународното опкружување.