Прогласување на победникот од конкурсот за книжевната награда „Пегаз“

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ денеска ќе го соопшат победникот на нивниот конкурс за најдобар необјавен роман на годината, кој ќе ја добие нововостановената  книжевна награда „Пегаз“.

На конкурсот пристигнале 77 ракописи, а за победникот одлучи тричлено жири во состав: Димитар Башевски,  Иван Шопов и Бисера Бендевска.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Другите ракописи ѓто влегле во најтесен избор ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“.

Организаторите на конкурсот велат дека оваа награда  е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

-Имајќи го предвид влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр, наведоа организаторите.

Победникот ќе биде прогласен во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ од 10.30 часот, а  наградениот роман ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годинава.