Прогласени десетте победнички во изборот „Жена на годината 2022“


 

Во „Музеј на македонската борба“ денеска беа избрани десетте жени – победнички во изборот „Жена на годината 2022“.

Слаѓана Вујошевиќ е избрана за жена на годината, Виолета Томовска е избрана за жена со трајни вредности, жена менаџерка на годината e Билјана Караманолевска, жена млада менаџерка на годината  Светлана Кордумова, жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата e Мартина Димовска, жена со најголеми достигнувања во културата Пламенка Трајковска, жена со најголеми достигнувања во спортот e Оливера Наковска Бикова, жена со најголеми достигнувања за општеството Ребека Јанковска-Ристески, жена со најдобар стил Дита Старова Ќерими и инфлуенсерка на годината e Александра Шијакоска.

Целта на изборот „Жена на годината“ е да се оддаде признание на жени кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати во годината што одминува.

Во конференцискиот дел на настанот се одржаа предавања на Ирена Јакимова, Марио Јовановски, Вера Мештеровиќ и Наташа Дуковска, кои пред присутните ја споделија својата приказна и искуствата кои ги доживеале во нивната претприемачка експедиција, препреките со кои се соочиле и начините на кои успеале да ги надминат.

Катерина Котлареска Манеска која е еден од организаторите, вели дека ваквиот настан е значаен, бидејќи ги здружува жените од различни дејности и различни професии кои меѓу себе се мотивираат, разменуваат искуства и знаења.

– Денеска славиме јубилеј пет години постоење, овој настан подразбира здружување на едно место na повеќе жени од различни дејности и различни професии, кои меѓу себе си ги разменуваме искуства, се мотивираме, се забавуваме, но и учиме. Жените претприемачки помагаат да се развива општеството, да се извлечат од онаа балканска стигма во која жената само седеше дома и беше само домаќинка, денес имаат желба, мотив и започнуваат да создаваат дали тоа е во занаетчиството, ИТ, во различни професии, во секој случај жените веќе го менуваат профилот, изјави Котлареска Манеска.