Прогласена тревога во Сараево заради загадениот воздух


И денес, трет ден по ред, Сараево, БиХ, е еден од градовите со највисоко ниво на загаденост на воздухот во светот, а на рангирањето на веб-страницата AirVisual наутро беше трет, зад пакистанскиот Лахоре и индиски Њу Делхи.

Индексот на загаденоста на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина изнесуваше 295 и беше на ниво што укажува на многу нездрав воздух.

Зголемена концентрација на опасните микрочестички прашина
Најголем проблем и понатаму е концентрацијата на опасните микрочестички прашина со ознака ПМ 2,5, бидејќи во воздухот имало 245 микрограми на метар кубен, што е 49 пати повеќе од количината што ја толерираат стандардите на Светската здравствена организација.

Таквата концентрација на овие честички прашина е категоризирана како опасна по здравјето.

Предупредување до граѓаните
Поради алармантната состојба со загадениот воздух и првичните препораки до жителите што помалку да останат на отворено, Владата на округот Сараево сега прогласи вонредна состојба во четирите општини кои го сочинуваат градот Сараево.

Тоа значи забрана за сообраќај низ градот за возила со мотори ЕУРО 3 и подолу и каде што е можно исклучување на сите објекти кои го загадуваат воздухот со испуштање прашина.

Густо исткаена магла над градот
Високиот степен на концентрација на штетни материи во Сараево се должи на  временските услови во кои се случуваат температурни инверзии, така што температурите во сливот се значително пониски од оние на околните планини, што создава густа покривка од магла над градот, а таму нема ветер да го растера.

Метеоролозите прогнозираат дека во петок може да се очекува малку засилен ветер со врнежи од дожд, што треба да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот.