Профитот на српските банки во 2020 година намален за една третина


Банкарскиот сектор на Србија работеше со профит во годината на короната, но ни блиску како во претходните години. Банките лани заработија околу 390 милиони евра пред оданочување, додека една година порано, нивната добивка пред оданочување изнесуваше околу 573 милиони евра. Пресметано, нивниот профит паднал за дури 32 отсто, пишува белградска Политика, потсетувајќи дека во 2018 година банките во Србија заработија околу 600 милиони евра, и тоа по оданочување.

Нема изненадувања на списокот на банки кои работеле со профит. Интеса ја задржа лидерската позиција со заработка од 9,5 милијарди динари, што е помалку за 23,1 отсто во споредба со претходната година. На второ место е УниКредит со заработка од 5,3 милијарди динари и пад на профитот од 35,52 проценти, пишува Политика.

На третото место заедно се Комерцијална банка со својот нов сопственик НЛБ и нивните заработки лани изнесуваа 3,2 милијарди динари со пад на профитот од 65,83 отсто. На четвртото место се исто така две банки на ист сопственик, ОТП и Војвоѓанска банка, чија добивка пред оданочување беше 1,2 милијарди динари, а тие имаат најголем пад на профитот од дури 88,84 проценти.

Според Народната банка на Србија (НБС) главната причина за ваквите резултати е што банките ги зголемија резервациите за потенцијални загуби на кредитите во 2020 година.

„Нето резултатот на банкарскиот сектор пред оданочување во 2019 година изнесуваше 67,7 милијарди динари, а покрај неповолните околности предизвикани од пандемијата, задоволителното ниво на профитабилност на банкарскиот сектор беше задржано и во 2020 година со нето резултат пред оданочување на крајот од минатата година од 46 милијарди динари. Со постојан раст на кредитната активност, наведените резултати ссе постигнати со значително поповолни услови за финансирање на економијата и граѓаните“, наведуваат од централната банка.

Тие додаваат дека во услови на потенцијални ризици предизвикани од глобалната здравствена состојба, во 2020 година банките одржуваа претпазлив и проактивен пристап за проценка на очекуваните кредитни загуби и зголемените резервации за потенцијални кредитни загуби во 2020 година, што е главната причина за падот на нето резултатите на банкарскиот сектор во однос на 2019 година и следствено на тоа и на повратот на капиталот од 9,8 проценти во 2019 година на 6,5 оттсто во 2020 година.

Ненад Гујаничиќ, главниот брокер на компанијата „Моментум секјуритис“, вели дека повеќето српски банки забележале пад на профитабилноста минатата година, а главната причина за ваквиот тренд се негативните ефекти на ковидот врз бизнисот.

„Прво, имаа удар врз основната дејност поради двата мораториуми на заемите, а од друга страна, направија зголемени резервации за потенцијално нефункционални заеми. Овие два фактори влијаеа на намалувањето на вкупниот профит на банките за 32 проценти во однос на предпандемиската 2019 година. Исто така, треба да се додаде дека тие продолжија да работат во прилично негативно инвестициско опкружување, бидејќи каматните стапки останаа на неверојатно ниско ниво, така што им беше намален маневарскиот простор за заработка “, објаснува тој.

Според него, тековната година ќе доведе до стабилизирање на состојбата во банкарскиот сектор, но веројатно ќе бидеме сведоци на раст на нефункционалните кредити, имајќи предвид дека негативните ефекти од пандемијата, особено врз малите бизниси, ќе имаат одложен ефект поради неколкуте пакети државна помош.

Од Народната банка на Србија го споредуваат повратот на капиталот на 26-те банки во Србија со оние во Европската унија.

„Ако го погледнеме повратот на капиталот на ниво на ЕУ, тој исто така, од горенаведените причини, забележа намалување од 6,6 проценти во септември 2019 година на 2,5 проценти во септември 2020 година (септември 2020 година е последниот достапен податок на ниво на ЕУ ). Земајќи го предвид индикаторот за проценети кредитни загуби во однос на капиталот, овој индикатор забележа зголемување од еден процент во 2019 година на 3,7 проценти во 2020 година во банкарскиот сектор на Србија, додека на ниво на ЕУ врз основа на најновите расположиви податоци се зголеми од 2,7 на 5,6 проценти, што дополнително сведочи за значително поповолни макроекономски трендови, соодветноста на сите преземени мерки во 2020 година и зачуваната стабилност на банкарскиот сектор во Србија “, наведува Народната банка.