Профитот на Бафет скокна за 87 отсто, но КОВИД-19 го забави бизнисот во вториот квартал

„Беркшир Хатавеј“ соопшти во саботата дека заработила 26,3 милијарди американски долари или 16.314 долари по акција во текот на вториот квартал

Компанијата на Ворен Бафет објави скок од 87 отсто на нето профитот во второто тримесечје бидејќи вредноста на инвестициското портфолио се зголеми со берзата, но одзеде околу 10 милијарди американски долари од вредноста на бизнисот со производство на делови за авиони, заради економското влијание на пандемијата на коронавирус, јави АП.

„Беркшир Хатавеј“ соопшти во саботата дека заработила 26,3 милијарди американски долари или 16.314 долари за таканаречените Класа А акции (кои даваат поголеми права за гласање, заб.), во текот на вториот квартал. Тоа е пораст од 14,1 милијарди американски долари, или 8.608 долари по акција, пред една година. „Беркшир“ соопшти дека ја намалило вредноста на „Precision Castparts“, поради тоа што пандемијата му наштетила на воздушниот сообраќај и на бизнисите кои ја поддржуваат авио-индустријата. „Precision Castparts“ намали околу 10.000 работни места, или околу 30 отсто од својата работна сила, во текот на првата половина на годината, како одговор на намалената побарувачка.

Бафет долго време вели дека оперативната заработка на Беркшир нуди подобар преглед на кварталните перформанси, бидејќи тие ги исклучуваат инвестициите и дериватите, што може да варира во голема мерка. Така гледано, оперативната заработка на „Беркшир“ се намали за 10 отсто на 5,5 милијарди американски долари или 3.420,48 долари по акција од Класа А, бидејќи повеќето нејзини бизниси беа погодени од ограничувањата поврзани со пандемијата на коронавирус. Тоа е намалување од 6,1 милијарди долари или 3.754,83 долари по акција.

Аналитичарите анкетирани од „ФактСет“ очекуваат оперативна заработка за Класа А акција од 3.182,06 долари.

Влијанието на пандемијата врз деловните активности на „Беркшир“ беше значајно, но аналитичарот на „Едвард Џонс“, Џим Шанахан, вели дека можеби не бил толку лош како што се очекуваше, делумно затоа што „Геико“ осигурувањето и железницата БНСФ функционираа добро во текот на кварталот.

Како и сите автомобилски осигурителни компании, „Геико“ имаше корист од намалените побарувања поради тоа што имаше помалку несреќи – луѓето возеле помалку и многу од нив работат од дома. Во извештајот е забележана добивка од 2,1 милијарди американски долари во овој квартал, што е пораст од 393 милиони долари во однос на претходната година.

Добивката на БНСФ се намали за 15 отсто на 1,1 милијарди американски долари во текот на кварталот, како резултат на помалиот број на испораки за 18 отсто. Но, компанијата беше во можност да ги намали своите оперативни трошоци за 26 отсто што помогна да се намали ефектот од помалиот обем на работа. Шанахан вели дека БНСФ функционира подобро од повеќето други големи железнички компании.

На крајот на вториот квартал „Беркшир“ поседуваше речиси 147 милијарди американски долари во кеш и во краткорочни инвестиции, но Бафет искористи 5,1 милијарди американски долари за да откупи акции на „Беркшир“, што е најголемо купување на сопствените акции уште од релаксирање на политиката за откуп на сопсттвени акции на „Беркшир“ во 2018 година. Бафет, исто така, најде начин да искористи повеќе од тие пари по завршувањето на кварталот. Прво, тој се согласи да го купи бизнисот на гасоводот за природен гас и складирање на „Доминион Енерџи“ за 4 милијарди американски долари и да преземе 5,7 милијарди долари од долгот на „Доминион“.

Потоа, компанијата на Бафет на крајот на јули и почетокот на август купи акции од Банка на Америка вредни околу 2,2 милијарди американски долари што ѝ овозможи да контролира 11,9 отсто од акциите на банката. „Беркшир Хатавеј“ поседува повеќе од 90 компании, вклучувајќи ги и БНСФ железница и осигурување и бизниси за комунални услуги, мебел и накит. Компанијата исто така има големи инвестиции во компании како „Епл“, „Американ експрес“, „Кока-Кола“ и Бенк оф Америка.