Профитот на „Амазон“ зголемен за 197 отсто во последното тримесечие


САД – Продажбата и профитот на Амазон значително се зголемија во последниот квартал бидејќи потрошувачите се потпираат на онлајн гигантот во пандемија, јави Си-Ен-Ен Бизнис.

Амазон соопшти дека за три месеци – до 30 септември, приходите од продажба се зголемиле за 37 отсто од претходната година на 96,1 милијарди долари, а профитот пораснал за 197 отсто на 6,3 милијарди долари.

Резултатите ги надминаа прогнозите на аналитичарите од Волстрит.

Во извештајот на компанијата, исто така, не е вклучен настанот Prime Day на Амазон, што се одржа меѓу 13 и 14 октомври оваа година, откако беше одложен летото поради пандемијата.

Продажбата во онлајн продавници, кои вклучуваат производи како што се Алекса и предмети што Амазон ги продава директно на клиенти од својата веб-страница, се зголеми за 38 проценти во последниот квартал. Продажбата на Амазон од продавачи на трети страни кои нудат артикли на таа страница се зголеми за 55 отсто.

Приходите од „Амазон веб сервиси“, бизнис за т.н. cloud и најголемиот двигател на профитот, пораснаа за 29 проценти, додека неговиот рекламен бизнис порасна за 51 процент.

Сепак, продажбата на Амазон во физички продавници, вклучувајќи ја и Хол фудс, падна за 10 проценти.