Профитот го обезглави сточарството во Македонија

Државата треба да направи вистинска стратегија за да се продолжи со сточарството. Да даде реална, а не памфлет поддршка, да го исчисти списокот за субвенции од лажните земјоделци и да не ги користи како гласачка машинерија само за да се дојде на власт   


Два месеци е закочен откупот на јагнето во државата, а одгледувачите на говеда се соочија со намалени субвенции. Вака одекнува последниот крик на македонските сточари, додека власта убедува дека е на прав пат да ги излечи раните во земјоделието.

На сточарите им прекипува млекото и веќе не молчат, зборуваат, критикуваат и со прст укажуваат на виновниците.

Овчарите велат дека се под уцена од кланичарите да го дадат јагнето под цената на чинење. Ако овој период (од 15 декември 2024 година досега) ви изгледа дека е краток во споредба со тоа што сѐ е закочено во државата, и никому не му дошло до јагнињата, се лажете. Јагнињата не се кукли, туку живот, што значи реални трошоци. Колку подолго се во бачилата толку е пониска цената за нивниот откуп. Колку повеќе килограми накачиле, толку се поголеми уцените од кланичарите да ја урнат цената на откупот и да ќарат на грбот на овчарите.

„Кланичарите ги направиме газди со нашата пот“, велат сточарите.

Кланичарите уценуваат, државата молчи и никој не бара одговорност за штетите за нарушениот откуп, извозот на јагнето, за неостварениот девизен прилив во државата и најпосле за неповратното уништување на овчарството во Македонија. Како држава извезуваме околу 200.000 јагниња годишно. Во 2023 година, од јануари до мај било извезено јагнешко месо во вредност од 12,3 милиони евра. Во споредба со истиот период 2022 година, извозот паднал за 6,5 проценти.

Оттука сточарите не се стеснуваат да предупредат на монополската позиција на, како што велат, два-тројца откупувачи.   

Сточарот Аце Милевски од пелагониското Гнеотино, кој важи за крупен сточар (иако порано еден булук броел и по неколку илјади овци) во чија мандра има 500 овци и 300 јагниња, на наједноставен начин го доловува проблемот што ги притисна.

„Јагнето не е ни тутун, ни жито да се чува по амбарите, тоа е жива стока,  расте и троши“.

Математиката на кланичарите за профит врз грбот на сточарите е едноставна, велат овчарите. Ако јагнето оди на откуп со тежина од 20 до 25 килограми, со секој изминат ден цената е пониска.

„Грам повеќе, значи денар помалку за сточарите!“, пресметуваат тие.  

Така, наместо 300 денари за килограм јагне жива мера, кланичарите ја уриваат цената на 200 до 220 денари за килограм. Разликата во пари е голема. Пример, ако едно јагне од 25 килограми треба да се плати 7.500 денари, со урната цена од 200 денари за килограм истото јагне би се откупило за 5.000 денари. Разликата од  2.500 денари наместо во џебот на мачните сточари, оди во касата на кланичарите.

Револтот кај одгледувачите на говеда, пак, е за намалени субвенции од 12.000 денари по грло крава на 8.000 денари. Сума која не е за потценување, иако добија денар повеќе за предадено литар млеко.

Веста дека сточарите ќе земат помалку пари од државата го вклучи алармот, па министерот Цветан Трипуновски побрза да ги пресретне „дезинформациите“ и да ги убедува краварите дека, напротив, ќе земат повеќе пари за субвенции. Арно ама, неговата математичка пресметка дека ако кравата дава просечно 6 тони млеко годишно ќе земат 2.000 денари плус од лани, се претвори во гротеска. За жал во една просечна македонска фарма, кравите даваат од 3 до 4 тони млеко на годишно ниво и тука се урна сонот на краварите дека новата власт е нова надеж за сточарството. 

„За да порасне, јуницата ќе испие 200 евра млеко, а вие давате 50 евра субвенција“, пресметуваат говедарите.

За одгледувачите на говеда со години е закочена и цената на млекото, која се движи од 30 до 31 денар за литар, додека млекото во малопродажба е најмалку 80 денари. Краварите прстот го вперија во млекарниците, па велат – „Нашето млеко им служи само како маја за да ѝ даде арома на хемијата која ја продаваат“.    

Овчарите, пак, за да добијат субвенции мора 50 проценти од јагнињата да ги однесат на колење во регистриран кланичен капацитет, 3.000 денари по овца.  Ако сами го продадат јагнето губат 2.400  денари по грло, и им се исплаќа само 600 денари по јагне. Разликата во пари и тука е голема. Па, велат дека се условени и од државата.

„Оваа одредба ја донесе СДСМ, но пред избори ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе ја укине. Но кога дојде на власт, продолжи по истиот образец “, реагираат сточарите и бараат укинување на одредбата за субвенционирање. 

Но, кому му е грижа за потта и маката на сточарите? Или поточно – кој им дозволува на кланичарите да го „обезглават“ овчарството во државата. 

Ако се навратите наназад ќе видите дека нема изминато година, кланичарите да не најдат начин да го сопнат откупот на јагнето. Така беше и пред корона кризата, така е и денес.

Министерот Трипуновски вчера на средба со сточарите најави дека ќе седне на маса со кланичарите во среда, наредната недела. Прашањето е едноставно – дали министерот сега разбра за проблемот со закочениот откуп? Дали и тој чека два месеци на средба со кланичарите? Или просто кажано – дали кланичарите се над државата, па никој не може да ја контролира нивната работа, па „колат“ кога сакаат и кого сакаат?

Трипуновски се обиде со политички речник на извесен начин да се дистанцира од проблемот, па и тој удри по откупувачите – „Кланичарите сакаат да направат брз профит на ваш грб. Ние како држава да платиме.“

Зошто кога веќе министерот апсолвирал дека државата ја плаќа штетата не ги сопре кланичарите во трката за „брз профит“?

Долга и широка е приказната за македонското сточарството во државата. Секоја година сѐ помалку крави и овци, а овчарите да ги бараш со борина, иако државата донесе мерка со која ги финансира платите на овчарите – 620.000 денари годишно по овчар. И ова не е доволно за маката, па овчарите заминаа во фабриките и не прифаќаат да чува стока ниту за министерска плата.

Државата треба да покаже силна волја и да направи вистинска стратегија за да се продолжи со сточарството. Да даде реална, а не памфлет поддршка, да им даде земја на сточарите да произведуваат храна за стоката, да го исчисти списокот за субвенции од лажните земјоделци и да не ги користи како гласачка машинерија само за да се дојде на власт.