Професорите беа „фрлени под автобус“ за да се заштити Сиљановска

Членовите на Комисијата за помилување брутално разбраа како е да бидеш „изеден“ кога ќе влезеш во челуста на политиката. Премиерот Мицкоски им нанесе долготрајна штета, особено на професорите од Правниот факултет, изјавувајќи дека тие грешеле затоа што работеле


За колегите на Гордана Сиљановска-Давкова од Правниот факултет, Методија Каневчев и Гордан Калајџиев, четирите месеци во Комисијата за помилување на претседателката на државата беа брутално соочување со она што само го гледаат и коментираат отстрана – дека политиката без трошка милост ги изеде како да не било ништо, па дури и ако имало пријателства.

Има и други членови на Комисијата кои се професори (како Арлинда Кадри-Шахиновиќ), но Каневчев (како претседател) и Калајџиев како редовен дел од јавноста, беа најпознати. И поради тоа ударот на критиките во скандалот со помилувањата посредно беше насочен главно кон нив. Каневчев и Калајџиев сега можеби дополнително се прашуваат – каде згрешивме? И дали воопшто требаше да ја прифатат поканата од нивната колешка од Правниот факултет која стана претседателка?

А веројатно, исто така, на брутален начин го почувствуваа она што го знаеја – дека кога се поставуваат сериозни прашања за интегритетот и донесените одлуки на претседателот на државата (па макар тие биле и погрешни или недоволно анализирани) – одговорноста ќе мора да падне врз пониските во хиерархијата (во случајот Комисијата за помилување). За да може „шефот“ да биде заштитен. Па, макар и тој да ги носел конечните одлуки.

Во таа заштита на „шефот“ – претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не најде ни за сходно да им се заблагодари за четиримесечната работа на членовите на Комисијата за помилување, туку во едно суво соопштение само објави дека ја прифаќа нивната колективна оставка „во согласност со нивните лични и професионални принципи“ и дека ќе изврши консултации „за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица“. Каневчев, Калајџиев и другите, така, ќе мора да ја поднесат својата жртва на олтарот на безгрешноста на претседателката Сиљановска.

Како ова суво зборување на Сиљановска со нејзните колеги кои беа дел од Комисијата да неше доволно, премиерот Христијан Мицкоски им нанесе дополнителна и многу поголема штета на професорите.

Премиерот, кој знае често да дава пинг-понг изјави, во саботата изјави дека за помилувањето на Акиф Равмановски, бил виновен СДСМ и дека тој им бил подметнат како кукавичко јајце. „Тој случај е од минатото, од претходната влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период“, рече Мицкоски.

За утредента да заборави на тоа, можеби и поради фактот што Министерството за правда дало негативно мислење за сите барања за помилување, за вината да ја префрли врз Комисијата, затоа што кога работеле и – грешеле. А претседателката, која ја носи конечната одлука, може да прифати одреден предлог или да го одбие. Конечната одговорност е нејзина. Но сега не треба да се расправа за нејзината одгвороност.

Мицкоски им нанесе голема штета на професорите колеги на Сиљановска, Каневчев и Калајџиев, тврдејќи дека работеле и грешеле. Какво влијание може да имаат овие негови зборови врз студентите на Правниот факултет:

„Жив човек којшто работи, знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката ако се преземе одговорност, тогаш тоа е доблесно и јас така можам да ја коментирам одлуката на членовите на Комисијата која што се занимава со теми од областа на помилувањето. Очигледно е констатирана грешката и единственото нешто што тие го имаат како морален чин е да се повлечат и тоа и го направија“, додавајќи оти очекува темата да се затвори во јавноста. Всушност, тоа многу го сака, за да нема дополнителни политички неволји, пред сѐ за Сиљановска.

Студентите на Правниот факултет при УКИМ сега можат да си ги поставуваат следните прашања: дали додека предаваат Каневчев и Калајџиев можеби грешат во она што го кажуваат; дали додека се отвораат дебатите меѓу студентите и професорите грешат; дали додека некој од нив дава изјави во јавноста изнесува погрешни ставови, затоа што работи; дали погрешиле ако на некои студенти им дале петка, седумка, осумка или шестка на испитот. Може да се отворат безброј прашања кај студентите и во јавноста за „доблеста“ на членовите на Комисијата, која ја споменува Мицкоски.

Гордан Калајџиев тоа веднаш добро го разбра, сфаќајќи дека неговата „жртва“ и на другите членови на Комисијата може да има многу подолготраен ефект, па денеска само кусо и јасно објави на Фејсбук:

„Комисијата не призна грешка, како што тврди Мицкоски, туку дека се држи до принципи!“

Веројатно Калајџиев отпосле ги разбра зборовите на министерот за правда, Игор Филков од пред три дена дека на „Комисијата ѝ треба освежување“, иако работи само четири месеци. Оној што влегува во челуста на политиката, порано или подоцна, повеќе или помалку, ќе биде изеден. Професорите го сфатија тоа речиси во првиот случај.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред неколку дена изјави дека Комисијата за помилување се водела од конкретни дела во врска со помилувањата. Таа смета дека Комисијата е составена од експерти кои се врвни во својата област и оти треба да ја почитува нивната работа. Таа рече дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото. „Личностите се навистина интересни во негативен смисол на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, рече таа во средата (23.10). 

Калајџиев во острата дебата во поткастот „На кавга со Иван“ на Канал 5 рече дека Комисијата воопшто не знаела за криминалното досие на Равмановски, дека пукањето во Чаир било откако тие веќе ја имале донесено одлуката. Според него, Министерството за правда им доставило стотина имиња за помилување (до тој инструмент се доаѓа само по лично барање на осудениците), а тие се одлучиле за 10. Тој спомена дека нивниот предлог како Комисија за поранешниот граноначалник на Битола, Владимир Талески, бил да добие неколкумесечно помилување, но дека Сиљановска се одлучила опростот на казната да биде една година.

Калајџиев зборуваше дека имало огромен притисок на медиумите и во другиот дел од јавноста (како и политички партии) за нивната работа, како да се тие главни виновници за скандалот, иако Комисијата е само посредник во она што го доставува Министерството за правда и шефот на државата кој има неприкосновено право да одлучи кого ќе помилува и колку. Во оваа ситуација кон Комисијата за помилување се насочи гневот, а беше сочуван дигнитетот на Сиљановска, иако таа е последната инстанца за „личностите кои се интересни во негативен смисол“.

Во средата членовите на Комисијата беа на средба со Сиљановска. Што било разговарано на таа средба и што било одлучено за минимизирањето на штетата, не се дозна. Дали од нив било побарана оставка, дали разговарале како можело да дојде до грешката, дали за тоа што треба да се промени во системот на разгледување на молбите за помилување? – во овој момент изгледа помалку важно.

Она што е најважно е Владата и премиерот Мицкоски да имаат еден проблем помалку во неделата полна со скандали (од кои оној со контроверзната бугарска диплома за англиски јазик на новиот директор на АНБ е со огромна тежина), па ако треба и лицемерно ќе се зборува за „доблесноста“ на членовите на комисијата само за да се заштити претседателката Сиљановска. А самиот тој и неговата партија која ја предложи за шеф на државата. Калајџиев не треба да биде толку лут на медиумите поради наводното сензационалистичко известување (како што зборуваше во поткастот), туку на политиката со која тој и другите прифатија да соработуваат, а која уште при првиот проблем ги фрли под автобус.