Професор од Кавадарци бесплатно нуди интернет математика во време на изолација поради коронавирусот

Професорот и иноватор Димитрија Ангелков  од Кавадарци бесплатно нуди интернет математика за возраст од 7 до 77 години, во време на изолација поради коронавирусот. Смета дека тоа ќе им помогне на многумина паметно да го искористат слободното време.
-Компјутерите како наставно средство за едукација на младите во развиениот свет веќе долги години заземаат истакнато место. Наставата се изведува со квалитетни едукативни програми кои ги користат мултимедијалните особини на компјутерите, изјави професорот  Ангелков за МИА.
Во развиените средини, додава тој, вообичаено е првите работи кои ги учат младите да се од седењето пред компјутер, благодарение на софистицираната графика и капацитетите кои ги нуди персоналниот компјутер.
-Во нашата средина и покрај добрите услови за организација,  таков начин на работа ретко се среќава поради недостатокот од квалитетен софтвер. Според мене, битката  со недостаток на ваква едукативна мултимедијална содржина веќе е добиена со нашиот мултимедијален проект „Интерактивна  математика”. Тоа е всушност  збир од 190 делови од сите полиња на математика. Техничките решенија се во склад со највисоките стандарди за пријатно корисничко опкружување, нагласува овој доктор на електротехнички науки, кој е познат по бројните иновации, за што има добиено и награди.
Ангелков појаснува дека оваа интернет математика се одликува со впечатлив графички интерфејс, интуитивен управувачки систем кој ја исклучува можноста родителите да помагаат при користење на софтверот. Во склад со принципите за учење преку забава, остварена од 12 математички видеоигри и 178 интерактивни форми,  кои на прегледен и уреден начин им овозможуваат на младите да ги зголемуваат симпатиите кон математиката.
-Ние имаме слух за новите напредни идеи како и за унапредување на нашиот школски систем. Опфатени се повеќе теми кои се најважни за темелно разбирање  на математиката. Меѓу другото, геометриски тела, тренер и тест на интелигенција, популарната  видеоигра математички  милионер, логика, моќта на математиката, ефектот  на пеперутка, судоку, дропки и децимали, проценти, типови  на броеви. Може да се вежба и да се игра, истакнува Ангелков, кој е професор по стручни предмети во Екектромашинското училиште во Кавадарци.
Ангелков појаснува дека сите што сакаат да практикуваат математика во овие денови, само треба на меил dimitrijaa@gmail.com да му испратат сериски број од програмата, по што тој ќе им прати код за регистрација. Програмата може да се симне на веб-страницата http://www.tablapametna.com/?page_id=213
-Како основач на компанијата ,,Интерактивна иднина”, но пред се како професор, сакам да помогнам сите оние кои седат дома поради коронавирус, да имаат некаква занимација, вели Ангелков, нагласувајќи дека ги задржува правата над проектот како програмер и дизајнер.