Професионален Државен протокол за подобар имиџ на земјата: Доста со гафови


Австрискиот канцелар Себастијан Курц се поклони на туѓо знаме, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис слета на „метла“ на скопскиот аеродром, бели одела за комеморација, црвени кравати секаде, често губење багаж на државните делегации, никакви или не соодветни акредитации за време на официјални односно службени патувања, учество на меѓународни конференции, самити, пранкери… Ух, а може и вака, емирот на државата Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани јадеше ќебапчиња и тавче гравче, украинскиот министер за одбрана понесе од највкусните македонски лубеници за дома, најбогатиот човек на светот, Карлос Слим во Охрид, на официјалниот ручек му била приготвена традиционална охридска пастрмка и разни видови ајвар и макала….

Е сега, наместо да се гордееме со она што го имаме, а имаме многу што да им покажеме на сите странски државјани кои доаѓаат, да го издигнеме или најмалку да го задржиме имиџот на нашата држава, ни се случува да бидеме засрамени пред меѓународната и секако домашната јавност.

Импровизација, гафови, ниска ефикасност, непознавање на културни и обичајни норми, кои се до толку различни што еден ист гест се толкува позитивно во една, но крајно негативно во друга земја, се генералната перцепција за протоколџиите во државните институции, а преку тоа пак се прикажува мозаикот во јавноста за државата. Правилата на протоколот се еден од заштитните елементи на угледот на една држава.

Санде Смиљанов, докторант на Институтот за безбедност, одбрана и мир, актуелен началник на одделението за протоколарни настани и активности во МВР, 20 години е протоколџија, вели, не секој може да работи протокол, тоа е комплексна наука, не е само низа правила кои наложуваат добро однесување, туку може да се опсервира и како низа правила кои имаат историска заднина, традициски и обичајни норми, кои го обликуваат совремието во дипломатска, одбранбена безбедносна смисла.

Во поширока смисла протокол означува збир на правила кои треба да се применуваат во официјалните државни и дипломатски свечености, во официјалните односи и општествениот живот.

Воведувањето единствен Државен протокол, нагласува, ќе придонесе за поедноставување на сите процедури, разјаснување на дилемите за сите сегменти на протоколот преку воспоставување единствени правила на протокол, подобра комуникација меѓу институциите, можност за меѓусебна соработка, но и драстично намалување на грешките. И покрај постоењето на систематизирани места, подвлекува, очигледно е дека  се непополнети или времено се пополнуваат со неадекватни лица.

Подготовките за посета на државник и државни службеници, се и наука и уметност.

Смиљанов појаснува дека протоколот е наука бидејќи нијансите на протоколот се егзактни, а уметност бидејќи во секоја протоколарна активност постои доза на суптилност, деликатност и лични обележја.

– Неразбирањето на протоколот и протоколарните правила и норми може да има крајно штетни последици по државите и нивните односи и може да доведе до нивен колапс, пишува Смиљанов во Меѓународното списание„безбедност“.

Дипломатскиот протокол во МНР со 20 вработени

Формирањето Државен протокол како посебна организациона единица би имал големо значење за државата и тој би претставувал највисоката и најодговорната единица во креирање на сите посети на највисоко државно ниво, но и на настани од значење за државата, како одбележување на државни празници, културни манифестации и друго, сметаат во Директоратот за дипломатски протокол, што како организациона единица во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија постои од осамостојување на државата во 1991 година со сукцесивно преминување на министерството од Секретаријат за односи со странство, подоцна Министерство за односи со странство во денешното МНР.

Надлежностите на Директоратот за дипломатски протокол се дефинирани согласно Законот за надворешни работи доуреден со подзаконски акти. Во своето работење ги применува и меѓународно прифатените документи и конвенции како Виенската Конвенција за дипломатски односи од 1961 и Виенската Конвенција за конзуларни односи од 1963.

Директоратот за дипломатски протокол во МНР го сочинуваат сектор за дипломатски протокол и сектор за дипломатски сервис. Во секој сектор има по две одделенија, Одделение за церемонијал и посети и Одделение за дипломатска преписка, како и Одделение за привилегии и имунитет и Одделение за акредитации.

– Во Директоратот за диполоматски протокол работат 20 лица. Дипломатскиот протокол претставува алка помеѓу меѓународните субјекти во реализирање на нивната комуникација, активности и воспоставување на меѓународни односи, појаснуваат од МНР.

Од таму нагласуваат дека во Директоратот за дипломатски односи работат дипломати кои имаат повеќегодишно искуство, но и помлади колеги. Дипломатите со текот на годините стекнуваат непроценливо искуство работејќи како во МНР, така и во Дипломатско-конзуларните претставништва.

Со секој организиран настан, официјална посета, конференција, средба, истакнвуаат, искуството е поголемо. Посетата пак на специјализирани курсеви и семинари придонесува за поголемо усовршување, стекнување на пракса како и пратење на модерните текови на практицирање на протоколот.

–  Делот од протоколот кој опфаќа организација на посети и церемонијал бара поголема динамика, снаодливост, решителност а во одредени моменти и соодветна реакција поради настаната ситуација. Затоа колегите со поголемо протоколарно искуство го пренесуваат своето практично знаење на помладите колеги. Работата во делот на организација на посети и церемонијал е предизвик за помладите колеги, но и воопшто за сите дипломати кои сакаат малку поразлична и подинамична дипломатска работа, посочуваат од Директоратот за диполоматски протокол.

Во текот на 2019 година Директоратот за дипломатски протокол учествуваше во организациони подготовки и протоколарни активности на повеќе настани. Според нив, секоја посета е специфична и бара сериозен пристап и максимална посветеност. Во текот на изминатите години Директоратот за дипломатски протокол учествуваше во подготовка и организација на сите настани на високо ниво, но ја издвојуваат официјалната посета на поглаварот на Католичката црква, Неговата Светост папата Франциск на Република Северна Македонија на 7 мај 2019 година.

– Посета која сама по себе вклучуваше специфични државни и црковни протоколарни активности, а на кои Директоратот за дипломатски протокол заедно со другите државни институции одговори најсоодветно и покажа високо ниво на спремност, посветеност и ангажираност во исполнување на сите задачи, посочуваат од МНР и меѓу поспецифичните за оваа година ги издвојуваат и посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и членовите на Северноатлантскиот совет (НАЦ) на 2-3 јуни 2019 година.

Кој ги извршува протоколарните задачи кај премиерот

Во Министерството за надворешни работи постои Директорат за дипломатски протокол кој на државно ниво ги координира протоколарните активности при посети на високи претставници во нашата земја. За повеќе детали, од  Канцеларија на портпарол на Влада на Република Северна Македонија не упатија да се обратиме до МНР.

– Во рамки на Генералниот секретаријат и Канцеларијата на претседателот на Владата ангажирани се вкупно пет лица за протоколарни активности. Зависно од обемот на настаните и активностите, протоколарните активности често се реализираат во координација со лица задолжени за протокол во другите институции, особено со МНР и Министерството за одбрана, информираат кратко од владината прес-служба.

Од таму посочуваат дека Владата на Република Северна Македонија во изминатите две години беше домаќин на голем број меѓународни настани, официјални и работни посети од високи претставници на други држави при што институциите покажаа професионално ниво на реализација на протоколарните активности.

Протоколот на претседателот на државата

Во Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски постои Служба за протокол која во соработка со другите сектори работи на активностите на претседателот во земјата, неговите посети во странство, прием на официјални домашни и странски делегации, организирање на настани на кои е домаќин претседателот како покровител, како и активности за одбележување на националните празници во земјата. Многу едноставен, но не прецизен одговор од кабинетот на Пендаровски за тоа кој, колку се вработени и како работи на протоколот на шефот на државата на оваа исклучително важна позиција.

Фото: Б. Грданоски

–  Во однос на прашањето за основање на единствена државна служба за протокол, Кабинетот на претседателот би ја поддржал секоја иницијатива која води кон унапредена организација и спроведување на протоколарните активности во земјата, како и зголемена ефикасност при користењето на јавните ресурси. Протоколот на една држава е многу важен затоа што ни помага за подобро наше претставување како пред нашите граѓани во земјата, така и пред странските партнери, велат од таму и толку.

Сè може да го наруши редот, а најчесто тоа и се случува.

Протоколот е многу одговорна и специфична работа, нагласува Санде Смиљанов. Сè може да го наруши редот, а најчесто тоа и се случува, нагласува, и токму затоа одговорниот државен службеник за протокол во секоја прилика мора да биде подготвен да даде одговор на непредвидените и непријатните ситуации, односно треба да импровизира.

–  Во поново време според најновите анализи согласно стратегискиот маркетинг, на луѓето кои се занимаваат со протокол им е дозволено да импорвизираат, но сето тоа да биде беспрекорно изведено и реализирано. За жал, успехот на протоколот не се забележува, ниту се истакнува. Од друга страна, за грешките од кој било вид одвивање на јавни настани и манифестации, по правило, секогаш е виновен протоколот, без разлика на тоа дали истиот имал удел во сето тоа или не. Мора да се спомене дека протоколот не е работа за секого. Особено тоа не е работа за оној вид на водачи кои сметаат дека можат сè да сработат самите. Успешен водач – лидер во протоколот секогаш се потпира на тимската и однапред испланирана работа, на стручна оспособеност за тој вид работа и на секогаш добредојдена среќа, смета  Смиљанов.

Мисијата на државниот протокол е да овозможи претпоставените водачи – лидери кои го водат протоколот да остават позитивен „прв впечаток“ на гостите, потоа да реализира беспрекорни церемонии и приеми, како и да овозможи удобна атмосфера за постигнување на целта на овие настани. Штом ќе се совладаат овие правила, се заштедува на време и пари.

Словенечкиот државен протокол е еден успешен модел на функционирање и работење. Формиран е од страна на претседателот на Република Словенија во 2003 година со Уредбата за основање и функционирање на протоколот на Владата на Република Словенија се удрени првите темели за воспоставување на Државниот словенечки протокол. Потоа се донесени уште двата клучни документи за функционирање на Словенечкиот протокол, а тоа се Одлука за функционирање на протоколарните правила и Кодексот за протокол и други пропратни закони, уредби и правилници кој што се во функција на протоколот, како на пример: Законот и уредбата за грбот, знамето и химната, и Виенските конвенции18

Кога се напуштат строгите протоколарни процедури

Како резултат на желбата ефективно да се надминат разликите, да се постигне компромис, да се направи акт на добра волја, историјата бележи и правило на напуштање или ублажување на протоколарните обичаи. Во тој поглед Ватикан, кој, веројатно, е најстариот двор во Европа, е добро познат по префинетоста на таквата протоколарна практика.

Нашиот пример за излегување од строгите протоколарни постапки е за време на официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, која беше наречена историска, по потпишувањето на Договорот од Преспа. Кога премиерот Зоран Заев го пречека неговиот колега со целосно највисоки официјални почести, беше исклучен делот со интонирањето на химните на двете држави, со објаснување дека се „кратки“ со времето.  Но, затоа имаше доволно време Заев и Ципрас да направат неколку „селфи“ пред зградата на Владата, со што најверојатно сакаа да покажат опуштеност, најавувајќи идно блиско пријателство. И не знам, кој го прави протоколот, го потврдува или го корегира, сепак или немаат одговор или немаат објаснување.

Украински министер за одбрана понесе лубеници од Македонија, за Карлос Слим охридска пастрмка

При посета на еден министер за одбрана на Украина во Република Македонија, кој пристигнал со авион на украинското Министерство за одбрана, во летниот период, за време на официјалниот ручек како десерт му била послужена лубеница. Имено, лубеницата толку многу му се допаднала што при неговото заминување, тој со себе понел „еден тон“ лубеници од Македонија. Традиција во служба на креирање пријателски релации, зарем не?, раскажуваат протоколџиите.

За време на посетата на емирот на државата Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани во 2011 година, на нашата држава, на официјалните ручеци беше угостуван со традиционална македонска националната храна односно со ќебапчиња и гравче тавче. Емирот Хамад бин Калифа Ал Тани во придружба на домаќинот, претседателот Ѓорѓе Иванов јадеше скара и печени пиперки во познатата ќебапчилница Дестан, во Старата скопска чаршија порции стандардни ќебапчиња со кромид ручаа емирот и претседателот.

На високиот гостин специјалитетот му се допаднал. Шеикот Ал Тани, кој е на листата на најбогатите луѓе во светот, во неформална прошетка низ чаршијата се покажа како срдечен и непосреден човек. Ги разгледуваше производите на занаетчиските дуќани, се поздравуваше со присутните, ги прегрнуваше децата. Целата прошетка помина во опуштена атмосфера и добро расположение, без воопшто да се забележи присуството на бројното обезбедување.

На најбогатиот човек на светот, Карлос Слим во април 2012 година, на еден форум во Охрид, за време на официјалниот ручек во хотелот Инекс Горица му била приготвена традиционална охридска пастрмка и разни видови ајвар и макала, кои што ги има само на овие простори од светот. Тоа е најдобар начин за презентирање на македонската традиција, култура и кујна. На коктелот кој бил приреден во негова чест пиел црвено вино. Ноќевал во  апартманот „Јуниор“, кој има прекрасен поглед на Охридското Езеро  и кон градот Охрид. Милијардерот, кој според вработените во хотелот се однесувал многу скромно, немал никакви посебни побарувања и не посакал ништо  поразлично од останатите гости. На ручекот со останатите учесници на конференцијата, и нему му било послужено телешко мени и Охридска торта

Пропустите од „протоколџиите“, го рушат имиџот на државата

Колку е протоколот комплексна и сериозна наука – работа на јавноста и стана јасно кога неодамна канцеларот на Австрија, кој дојде во посета на нашата земја се поклони на туѓо знаме. На платото пред Владата при пречекот и интонирањето на македонската и австриската химна, по повод посетата на канцеларот Себастијан Курц, се вееше погрешно знаме.

Таа грешка испраќа неколку пораки – австриската држава не е од голема важност за земјава, или, пак, Република Северна Македонија е земја без професионален кадар во една ваква важна област како што е протоколот.

Уште еден на мал пропуст беше и на почетокот на посетата на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, кој слета на „метла“ на скопскиот аеродром на 18 септември 2018 година. При подготовката на краткиот воен церемонијал, со цел да покаже почит кон високиот гостин од САД, неколку професионални војници на Армијата го попречија патот на секретарот за одбрана, Матис, и тоа метејќи го црвениот килим.

Примери има многу: белиот костум на македонски ВИП претставник на комеморацијата за полскиот претседател Лех Качински, губење на пиштол на личен бодигард на еден од министрите во Владата за време на патување во авион и ставање на истиот од страна на аеродромските работници во багажот на македонски новинар, губењето на куферите за време на посетата на македонскиот поглавар во Рим.

Кога протоколарниот „гаф“ пренесува политичка порака

Еден од примерите е случајот кој го обиколи светот преку медиумите е во 2010 година на состанок во израелското Министерство за надворешни работи меѓу заменик-министерот за надворешни работи Даниел Ајалон и турскиот амбасадор во Израел, Ахмет Огуз Челикол, соговорниците биле поставени на места на седење со евидентна висинска разлика. (МИА)