Професијата не ни дава за право да се чувствуваме посебни: Искрено интервју со Тања Вујисиќ-Тодоровска
На сцена примабалерина, цел живот – дама. Врвната балетска уметница Тања Вујисиќ-Тодоровска (58) би можеле да ја опишеме и со зборовите талент, искреност, страст, живот, емоција, душа, совршенство, харизма, грациозност, авторитет, женственост, оптимизам, љубов, насмевка, успех, слобода, сонце, море, книги, … Омилен лик од културните настани, облечена во минималистички стил, претежно во црно, и со високи потпетици.
По 25 години на сцената, бројни признанија и годините поминати како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Тодоровска, сега ужива, вели, во заслужената слобода, во времето посветено на себе си и на најсаканите.
За сите митови и заблуди околу балетската уметност и за нејзините идни планови ни откри во ексклузивното интервју за независен.мк. За ексклузивната фотосесија, атрактивна и насмеана, со облак од парфемот „Џо Малоун“ ни позираше во книжарницата „Култура“ во Скопје.
Дали и за вашата професија, балетската важи максимата – еднаш балерина, секогаш балерина?
– За мене да. Преголем е влогот за да еден ден се откажеш од сето она што бескрајно си го сакал и во што си ја вложил сета своја енергија и голем дел од животот. Балетот за мене беше не само професија туку и животна школа. Ме научи дека во животот желбите се остваруваат само со голема работа и дека секогаш се доаѓа до лични победи кога енергијата ја усмеруваме кон вистински вредности.
До крајот на кариерата останавте доследни на класичниот балет. Во што е магијата на оваа професија и зошто е елитна?
-Да бидеш класичен балетски уметник е привилегија на талентирани поединци. Потребни се многу предуслови, посебно школување, могу влог и откажувања за да може да се развива до виртуозност еден поединец. Магијата е во постојаната потреба за надградување и усовршување која се одвива во текот на целиот творечки живот на еден уметник и има високо поставени цели и задачи. На тоа се надоврзува трансформацијата и постојаното истражување и навлегување во психологијата на секој нов лик.
Колку е точно дека секоја танцова фигура преставува замрзнат миг, скротено движење на естетиката, комуникациски дијалог меѓу минатото и иднината, притоа остварувајќи ја посакуваната сегашност?
– Балетот претставува синтетска уметност , која со заемно дејство спојува повеќе уметност. Изразните средства, кореографските форми, музиката, балетската драматургија имаат за цел да создадат уметничко дело во кое доаѓаат до израз пластичноста и изразноста на човековото тело. Говорот на телото е танцово пластично олицетворение на животните содржини преку кои се отсликуваат чувствата, карактерите и мислите на луѓето. Секоја поза во танцот треба да биде осмислена така што ќе предизвика спектар на чувства изразувајќи некој драматуршки дел од текстот, почитувајќи ги основните белези на стилот и времето во кое се случува дејствието, а воедно истакнувајќи ја убавината на движењето. Сето ова во еден миг ги спојува минатото, сегашноста и иднината.
Која е разликата меѓу балерина и примабалерина?
-Поединци кои се издвојуваат со своите способности, надареност, интерес и индивидуалност, кои оставаат посебен белег и се издвојуваат со оргиналност го носат епитетот на прима. Покрај талентот, танцовото образование од овие поединци се очекува да имаат и интелектуални и емотивни способности, што се неопходни за еден врвен уметник. Особено е важно да бидат личности со харизма , појава која плени и ја освојува публиката.Најтешко во кариерата на една примабалерина не е да блесне туку да опстане.
Што е врв на вашата професија и кои балетски центри и ансамбли го имаат приматот на најдобри?
-Балетот е професија која се стреми кон совршенство. И на најдобрите им наоѓаат мани. Но најблиску до тоа совршенство се сепак уметниците излезени од школите во Русија, Украина и Франција. Тоа се должи на традицијата, големата селекција, како и знаењето и високото творечко искуство на нивните педагози.
Кој беше вашиот начин на живот додека бевте активни на сцената?
-Во театар во својот магичен свет, преoкупирана со улогите кои ги работев, а надвор од театар како и сите останати луѓе. Секојдневни обврски кои ги наметнува животот. На сцена принцеза, дома Пепелашка ( ха,ха….). Не сум живеела во стаклено звоно . Секогаш сум се трудела колку можам да направам баланс и да мојата професија не се наметнува на приватниот живот. Професијата не ни дава за право да се чувствуваме посебни.
Кои се критериумите за да станете балерина? Висината, тежината, физичка и ментална подготвеност…?
-Многу критериуми треба да се исполнат за да се занимаваш со оваа професија. Колку повеќе способности толку е полесен патот до успехот. Нормално, тежината се подразбира, но и еластичноста на телото, музикалноста, висината, скокот, еластичност на стопалото, долги раце, нозе, издолжен врат, физичка подготвеност, ментална….Но, сето тоа е само база. Најважна е дисциплината, континуираната и посветена работа.
Ако во животот го барате убавото…тогаш вашата потрага завршува тука знаат да кажат балерините. Кои се непријатните страни на оваа професија?
– Балетот како една од најубавите уметности претставува симбол на единство на телото, разумот и срцето. Потребен е огромен труд,посветеност, дисциплина… Но во секоја професија тоа е неопходно за високи цели. Единствено што преставува најголем проблем за секој балетски уметник се повредите. Најмалиот здравствен проблем или повреда што за другите професии не преставуваат пречка за извршување на нивните обврски за нас се клучни. Ужасно е тешко кога по долгомесечни припреми на крајот вашиот настап зависи од болка во коленото, повреден лигамент, повреда на кичмата…
Кој ви беше најтежок балет во кариерата, а кој балет во светски размери ви е омилен?
-Па со сигурност можам да кажам дека за една класична балерина, балет кој носи највеќе предизвици е „Лебедово езеро“. Тоа е балет кој покрај природни предиспозиции изискува и високи професионални и уметнички квалитети. Во светски размери омилени ми се сите балети кои имаат добри продукции и врвни изведувачи. Пред неколку месеци бев во Санкт Петерсбург – Русија на премиера на балетот ,,Бајадера’’ во кореографија на Начо Дуато на покана на мојата пријателка Ангелина Атлагиќ која беше костимограф и сценограф на преставата. Бев одушевена.
Зошто мајките сакаат ќерките да им одат на балет? Која возраст е најдобра и кои се вашите совети?
-Идеалната возраст за професионално школување е на 10 години. Но рекреативно може да се почне многу порано. Преку игра се развива чувството за ритам, музикалност, со изучување на кореографии се развива меморијата, начинот на изразување преку движење, , а реално и се назира нивниот талент. Но, би им препорачала на мајките да определбата за балет биде амбиција на децата која ќе ја поддржат, а не амбиција на родителот. Само тогаш има резултати.
По заокружувањето на вашата активна сценска кариера се посветивте на педагошката дејност и работевте како раководител на Катедрата за балетска педагогија и како професор по предметите Методика на класичен балет и Репертоар на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј’’ во Скопје. Има ли Македонија балетски таленти?
-По завршувањето на мојата активна сценска кариера најпрво долги години работев како репетитор во Балетот при МОБ, а потоа и како професор на Катедрата за балетска педагогија. Како репетитор во театарот исклучиво бев дел од креирањето на репертоарот на првенците на таа куќа. Можам да кажам дека имаме прекрасни балетски уметници на кои можеме да бидеме горди и кои можат достојно да ја презентираат нашата култура во светот.
Автор сте и на монографијата ,,Моделирање на педагошката работа на балетските репетитори’’кој е прв научен труд во Македонија кој го третира комплексниот проблем на моделите на педагошката работа на репетиторите во балетската уметност. До кои сознанија дојдовте?
-Реално до сознанијата дојдов многу порано.Во текот на мојата кариера сфатив дека работата со врвни педагози- репетитори е нешто најважно за создавање на уметничкиот профил на секој уметник.За време на мојата специјализација во Киев – Украина и студиите на Меѓународниот славјански универзитет на престижната Украинска академија за танц во Киев имав можност да соработувам со проф. Елеонора М. Стебљак педагог-репетитор која направи огромно влијание на мојата кариера.Како мој ментор таа ја смени мојата перцепција за балетот како уметност, отвори сосема нови видици, ја разбуди желбата за самоусовржување и ми ги откри тајните на педагошката работа. Неизмерно сум благодарна што имав среќа и можност да соработувам со една таква личност која несебично ме подржуваше во текот на целата моја кариера.
Со отварањето на Катедрата за балетска педагогија сфатив дека постои недостиг на теоретска мисла во оваа област во традицијата на македонската танцова култура и тоа беше мотив да почнам со проучување и истражување. Не беше лесно за еден практичар да ја спои праксата и теоријата, балетот и педагогијата. Но во тоа имав голема помош и поддршка од професорите на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и мојот ментор проф. др. Снежана Адамчевска како и од мојот рецензент проф. др. Стефанија Лешкова која безрезервно ме бодреше и ми отвараше нови за мене врати во научната дејност.
Во 2015 год. оваа книга ја доби наградата Виртуози во категорија музичка публицистика како најдобро изданије во Р. Македонија а минатата година 2019 беше преведена на српски јазик од двајца врвни професионалци Теодора Сујиќ и Александар Илиќ. Издавачи се Институтот за уметничка игра – проф. др.Владимир Томашевиќ и Центар Фибула Ностра. Ова е прв превод на едно дело од областа на балетската уметност од македонски на српски јазик . Во текот на ноември месец 2019 год. беше изложена на Саемот на книгата во Белград и ја доживеа својата промоција во еден престижен простор – Библиотеката на град Белград.
Ако не сте застанале на сцената соочувајќи се со погледите на секој посетител, верувајте ми не ќе можете да го опишете истовремено чувството на психолошки грч , во чиј драматуршки фон е и чувството на огромна моќ, во секој мускул на телото…, стоеше во вашата порака по повод Меѓународниот ден на танцот, пред пет години. Дали имаме култивирана публика за вашиот вид на уметност, мислејќи на тоа дека кога ќе излезете од театрите ве заплиснува шунд?
-Да, во Македонија има прекрасна публика. Класичниот балет не е професија која буди интерес кај широките маси, но има голем број љубители и познавачи на оваа професија.Никогаш нема да ги заборавам коментарите на за жал починатиот доктор Јосиф Наумовски кој доаѓаше на сите мои престави. Многу ми значеше неговото мислење бидејќи неговите емоции и коментари беа значајна оценка за впечатокот кој мојот настап го оставил кај публиката.
Користејќи го најсовршениот инструмент создаден од природата – човековото тело, секој танцувач се обидува , дарувајќи ја својата душа на публиката да ги опише моќта на танцот, мигот на раѓањето на нова положба, ново движење, опишувајќи го она што не може да се опише. Како е да се биде во ваша кожа во тој момент?
-Прекрасно. Неописливо е чувството кога со денови до најситен детал работиш на моделирање на една улога и кога имаш можност тоа да го поделиш со публиката за која ние живееме и создаваме. Моќта на свесно управување со своето тело воедно пренесувајќи емоции и чувства, ти дава сигурност дека го правиш она вистинското и ја исполнува твојата душа и желбата на твоето срце.
Колку грациозноста на професијата наметнува и елегантен класичен стил на изглед или тоа е индивидуален избор?
– Апсолутно индивидуален . Но балерините и во приватниот живот , како што велите вие, секогаш изгледаат прекрасно и се достојни репрезенти на својата фела.
Што ве тера напред?
-Оптимизмот, љубовта, како и успесите постигнати со самостојна работа.
Како ги поминувате пензионерските денови?
-Можам да кажам супер. Убаво е чувството на заслужена слобода, кога обврските ги планираш сам , никој не ти ги наметнува. Кога имаш можност на селекција и кога имаш време за себе и за луѓето што ги сакаш.
Колку семејството ви е подршка?
-Семејството секогаш ми било подршка. Многу е важен тој баланс и разбирање за да можете спокојно да творите. Во нашата професија ангажманот и искушенијата се огромни. Потребно е место каде ќе се осеќате сигурни и релаксирани.
Како ги полните батериите?
-Со моите најблиски. Мојот сопруг и ќерка која е прекрасна млада девојка на која сум многу горда. Дружењето со драги пријатели , времето поминато со нив ми е драгоцено. Дружењето со моите љубимци – голем обожавател сум на животните. Патувања, особено сакам сонце и море. Книги, добра театарска престава, добар концерт. Има многу работи кои пружаат задоволства.
Кои се вашите идни планови?
-Иако не планирано, ангажманите ми се дозирани но значајни. Минатата недела бев во Белград на покана на Институтот за уметничка игра да бидам член на комисијата за одбрана на дипломска работа на еден млад и талентиран кореограф.
Во месец мај имам покана во Киев-Украина да бидам член на одборот на јубилејниот фестивал на нивниот најзначаен кореограф Анатоли Шикера – 85 год од неговото раѓање. Огромна чест и привилегија.
Од Институтот за уметничка игра во Белград имам отворена покана од октомври месец да бидам професор на нивниот факултет. Тие се сериозен тим кој работи многу професионално и со голем ентузијазам . Провокативна покана.
Лејла Сабит
Фото: Борис Грданоски