Проф. Даниловски: Славењето за изборите ќе даде повисоки бројки на заразени


 

Нашиот најреномиран епидемиолог, професорот на скопскиот Медицински факултет, д-р Драган Даниловски, денес гостуваше на Телевизија 24 и ги изнесе своите гледишта на последните случувања со корона пандемијата кај нас.

Актуелни се завчерашните бројки од 240 нови позитивни, кои делуваа вознемирувачки кај јавноста, но д-р Даниловски има поинаков став:

-Видете, завчерашната бројка од нови 240 позитивни делува спектакуларно, се согласувам. Но, ако се направи мала анализа, ќе се види дека процентот на позитивни од тестираните е околу 14.

Ние во минатото сме имале и 20 проценти нови позитивни од тестираните. Во секој случај, бројката не е мала, но мене ме храбри нешто друго. Тоа е фактот што здравствените капацитети не се полнат како претходно и тоа е добро.

Што се однесува до новите позитивни, јас очекувам ваквиот тренд во деновите што следат да се задржи, па дури бројката да стане и повисока. Вие знаете дека пред неколку денови се одржаа изборите, кои се епидемиолошки важен настан.

Сигурно ќе има последици од изборите, можеби не толку од самиот процес на гласање, колку од славењето кое се случуваше по изборите.