Проектот за јавно-приватно здравство ја чека физибилити-студијата


Сè уште не е утврдено кои области и кои оддели во јавните здравствени установи се најкритични од аспект на немањето кадар, опрема и инфраструктура, за да бидат приоритетни во применувањето на моделот за јавно-приватно партнерство. Според првиот човек на ресорот здравство, министерот Венко Филипче, на сето тоа ќе одговори физибилити-студијата со која ќе се направи анализа на широка основа преку податоците од општите болници и клиниките. Очекувањата на министерот се студијата да се изработи најдоцна за три месеци нагласувајќи дека не постои никаков ризик од нерационално затворање болници.

Два месеца по ваквото јавно-приватно партнерство со Детската кардиохирургија, моделот се покажува успешен, децидни се лекарите. Извршени се десетина кардиохируршки интервенции на деца до десетгодишна возраст во Клиниката „Жан Митрев“ откако тим од Детската кардиохирургија, преводен од д-р Владимир Чадиковски, работи во приватната здравствена установа. Операции биле извршени кај пет деца над една година, а другите на возраст под една година. Две деца починале.

„Целта ни е да ги згрижиме најтешко болните деца во државата, не само оние со срцеви проблеми туку секое дете што ќе бара екстремно добро опремена интензивна нега со кадар. Имаме тим кој е сертифициран за дијализа на бебиња. За два месеца опериравме десет деца, а две што ни ги донесоа беа неоперабилни и починаа, беа во лоша состојба и лекување во странство немаше да помогне“, рече Чадиковски.

Над 1.000 интервенции врз деца со вродени срцеви маани биле направени на клиниката „Жан Митрев“ од кога почнале со работа.

„Таков ни беше и договорот со Фондот за здравствено осигурување. Речиси 20 години згрижуваме 80 до 90 деца. Ние континуирано ја работиме таа детска кардиохирургија. Меѓутоа, неонаталната детска кардиохирургија е нешто плус во однос на она што значи квалитет, посветеност и исчекор во таа област“, рече Митрев.

Здравствените власти подвлекоа дека Фондот за здравствено осигурување веќе има долгогодишен постоечки договор за детска кардиохирургија со приватната здравствена установа клиниката „Жан Митрев“. Директорот на Фондот за здравствено Ден Дончев рече дека кардиохируршките операции што ќе се извршуваат во приватната болница и натаму ќе бидат на товар на Фондот и дека буџетот од 65 милиони денари што го определиле за здравствените услуги во Клиниката за кардиолошки интервенции за новороденчиња и деца до 18-годишна возраст претставува просек на годишниот буџет кој досега го определувале за Детска кардиохирургија во рамки на ЈЗУ Клиника за детски болести.

„Еден од главните мотиви, освен потенцијалната заштеда за плаќање на лекување во странство, се и значително подобрите услови за работа и лекување“, наведе Дончев.

 

Вероника Мароска-Леова