Проектот „Штампање заеднички простор“ добитник на меѓународната награда „Ранко Радовиќ”


Колаборативниот проект „Штампање заеднички простор“, во кој е учествува нашиот визуелен уметник Филип Јовановски во соработка со студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) и Архитектонски факултет од Скопје, како и факултети од Нови Сад и Риека, ја доби престижната меѓународна награда „Ранко Радовиќ” во категоријата за најдобра мултимедијална поставка/изложба за 2022 година, што ја доделува Здружението на ликовни, применети уметници и дизајнери на Србија, информира ФДУ.

– Наградата што го носи името на архитектот Ранко Радовиќ, е востановена со цел да се поттикне, развие и афирмира критичко-теориската мисла во областа на архитектурата и архитектонското творештво и со самото тоа, да се воспостават критериуми за нејзино вреднување во Србија и на меѓународно ниво, што подразбира вклучување на републиките од поранешна Југославија и земјите од светот со кои Ранко Радовиќ соработувал или во кои работел, се наведува во соопштението.

 

Оттаму појаснуваат дека наградата се доделува за критичко-теоретски текстови за архитектура објавени во претходната и во тековната календарска година до денот на нејзино доделување и тоа за критики, есеи, книги, предавања и воопшто за пишаниот збор за реализирано архитектонско дело довршено во истиот период, како и за телевизиски емисии, изложби или мултимедијални презентации реализирани во тој период.

Наградениот авторскиот концепт „Штампање заеднички простор“ е развиен од страна на визуелниот уметник Филип Јовановски од Скопје, архитектката Александра Пештерац од Нови Сад, визуелна уметница Лара Бадурина од Риека и дизајнерката и изведувачка на простор Луна Шаломон од Нови Сад, која е и асистент на проектот.

– Во проектот беа вклучени млади професионалци и избрани студенти од различни области од секој од градовите – Риека, Скопје и Нови Сад, кои истражуваа и разменуваа резултати неколку месеци, создавајќи нов „заеднички“ простор и нов колектив. Проектот премиерно беше изведен во септември годинава, како дел од COLLAB, програмска линија на Биеналето за сценски дизајн, во организација на Катедрата за уметност и дизајн на Факултетот за технички науки во Нови Сад и со поддршка на Фондацијата „Нови Сад – Европска престолнина на културата“ 2022 година. „Штампање заеднички простор“ е просторно изведувачки проект, кој е резултат на едногодишно заедничко истражување на модернистички згради во три различни градови – Скопје, Нови Сад, Риека, заедно со студенти од Факултетот за драмски уметности – Скопје, Архитектонски факултет – Скопје, Отсекот за уметност и дизајн на Техничкиот факултет во Нови Сад и Академијата за применета уметност од Риека, во партнерство со организацијата Факултет за работи што не се учат – Скопје, се додава во соопштението.