Проектот и наградата на конкурсот за постаментот на Мајка Тереза ќе чинат 14.000 евра


Наградите на конкурсот за идејно решение за пренамена на постаментот на споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и парите предвидени за изработка на основниот проект врз основа на ова решение, ќе го чинат буџетот околу 14.000 евра. Како што не информираа од Владата, од нив, како награди, архитектите кои ќе понудат најдобри идејни решенија во што да се пренамени бетонската конструкција, ќе поделат околу 4.000 евра, додека главниот проект ќе чини 10.000 евра.

Оттаму не соопштија колку пари ќе чини самата пренамена на објектот, што најмногу ќе зависи од тоа што ќе предвидува проектот што ќе биде избран. Во Владата не ја откриваат ниту сумата која ја пресметале за евентуалното рушење на постаментот, опција која беше напуштена заради превисоката цена.

„Во годишниот план за јавни набавки на Министерството за култура е предвидена јавна набавка за избор на идејно архитектонско решение за пренамена на објект со скулптурална композиција во Скопје кое ќе заврши со доделување на награди. За наградите од овој конкурс се предвидени 254.237 денари. Јавната набавка на основниот проект за измена и дополна во тек на градба e предвидена во мај годинава, за чија проектна документација се предвидени 600.000 денари“, информираат од Владата.

Со одлуката за пренамена на постаментот што беше изграден како прва фаза од споменикот на Мајка Тереза, не се согласува градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој веќе ги повика Владата и Министерството за култура да му го предадат споменикот тој да го сруши за многу пониска цена преку градското јавно претпријатие „Улици и патишта“. Главниот аргумент на Шилегов е дека локацијата на споменикот е погрешна, односно дека е поставен на влезот на улицата „Орце Николов“ во плоштадот „Македонија“. Тоа е една од најдолгите улици во градот, а нејзиниот завршеток во строгиот центар требаше да биде еден од коридорите за слободен влез во плоштадот.

Шилегов неодамна изјави дека Градот Скопје ќе конкурира на владиниот конкурс со идејно решение за улица, а доколку не може да учествува Градот како институција, тој како граѓанин ќе достави ист таков проект за изведба на улица.  (С.Н.)